Филипинскиот претседател Дутерте нареди да се убиваат „идиотите“ кои даваат отпор при апсење

Во уште еден контроверзен потег на филипинскиот претседател Родриго Дутерте, тој на полицијата и порача дека слободно можат да ги убиваат „идиотите“ кои насилно даваат отпор при апсење. Ова доаѓа два дена откако повеќе од илјада луѓе се појавија на погреб на тинејџер, во протест против претседателска војна против наркотиците која донесе многу жртви.

Дутерте изјавата ја дал обраќајќи се на полициски началник од град во кој градоначалникот загинал во рација против наркотици.

„Вашата должност е да го надминете отпорот на човекот кој го апсите… доколку се противи и доколку е насилен во тоа… слободни сте да ги убиете идиотите, тоа е моја наредба до вас“, рекол Дутерте, пренесува Гардијан.

Тој додал и дека „убиства и незаконити ликвидирања“ не се дозволени и дека полицијата мора да се држи до законот додека ги извршува своите овластувања.

Дутерте ја започна својата војна против наркотиците откако ја презеде функцијата во јуни минатата година, по изборна кампања во која се залагаше за употреба на сите средства за расчистување со криминалот и наркотиците.

Илјадници луѓе беа убиени, а насилството беше критикувано од поголемиот дел на меѓународната заедница.

Филипинската опозиција беше претежно тивка, но убиството на ученикот Киан Лојд Де Лос Сантос од полициски службеници во рација за наркотици, предизвика редок пример на јавен револт.

Повеќе од 1.000 граѓани, меѓу нив и црковни претставници и стотици деца, беа на прогребот на 17-годишникот, претворајќи ја поворката во еден од најголемите протести против власта на Дутерте.

Момчето било однесено од полицаец во темна уличка, полна со ѓубре, во Манила, по што бил застрелан во главата, сведочеле очевидци, а за случајот докази има и преку снимки од безбедносните камери.

Полицијата соопштила дека постапувале во самоодбрана, откако тинејџерот пукал на нив, додека портпаролот на Дутерте и министерот за правда го опишале убиството како „изолиран“ случај.