Филипче: Комисијата предлага наставата да почне онлајн, освен во првите одделенија

Дваесетина дена пред почетокот на новата школска година, се уште нема информации дали од 1 септември ќе бидат отворени училиштата, ниту пак дали ќе се спроведува онлајн настава. И Владата, на денешната 80-та седница, ја разгледа и усвои Информација со План за одржување на наставата во училиштата во учебната 2020/2021 година на Министерството за образование и наука, и донесе заклучок таа да биде споделена со Комисијата за заразни болести.

Дури потоа, врз основа на мислењето на Комисијата, најавуваат дека ќе биде донесена одлука за моделот за организирање и спроведување на наставниот процес во основните и средните училишта.

Кко што изјави министерот за здравство Венко Филипче, на денешниот состанокот на Комисијата за заразни болести биле разгледани протоколите за работа на училиштата, а за утре е закажан состанок на кој ќе присуствуваат претставници на Министерството за труд и социјална политика за да бидат разгледани протоколите за работа на градинките.
„Став на комисијата за заразни болести е наставата да почне да се одвива онлајн, освен во првите одделенија во коишто е неопходно физичко присуство на децата. Во оваа ситуација стравуваме дека транспортот од и до училиште, комуникацијата на децата на одморите, за време на влез во училиштето, во заедничките простории, во ходниците, во оваа ситуација, во есен во која едноставно не знаеме со што се соочуваме, што може да нѐ чека, не само ние, ниту една земја во Европа, ќе биде многу ризично да дозволиме децата да се вратат без никакво огрраничување во затворена просторија“, потенцираше Филипче кој истакна дека верува оти Владата ќе заземе дефинитивен заклучок во следните неколку дена.
Моделите кои се споменуваа за почетокот на новата учебна година, среде пандемија на Ковид 19, наидоа на силни реакци во јавноста. Од Самостојниот синдика на образованието, науката и културата – СОНК порачаа дека се надеваат дека надлежните ќе донесат рационална одлука за почетокот на новата учебна година каде приоритет ќе им биде здравјето на учениците и вработените во училиштата.Претходно, во исчекување на одлуката, со свој став  излегоа и од Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија – ССРСМ, од каде порачаа дека здравјето, безбедноста и благосостојбата на училишната заедница мора да бидат во центарот на политиките за враќање во училиште, а барање до властите упати и неформална група родители кои сметаат дека треба да се овозможи опцијата за онлајн настава за сите ученици во новата учебна година за, како што велат, да не дојде до поголемо ширење на коронавирусот.Заменичката на Народниот правобранител, Васка Бајрамова Мустафа, пак, упати мислење до Министерството за образование и наука во кое истакнува дека императив за надлежните е да ги остварат сите предуслови за дигитализација на наставата, но при тоа таа да биде достапна за сите ученици.