Филип Поповски: „Алтер Его“ нуди медиумски простор за македонските алтернативни бендови

Што се случува со музичката сцена во земјава? Дали музичка сцена е „мртва“? Има ли млади и креативни артисти за кои малкумина знаат? Тргајќи од овие прашања, надополнети со желба да им ја прикаже на јавноста богата ризница од македонски музчки ремек дела кои не биле слушнати од никој освен неколку стотина уши, Филип Поповски ја започна својата емисија „Алтер Его“ на Радио МОФ.

Идејата за емисијата, вели Филип, му била всадена во глава подолго време.

„Од секогаш ми било мерак да имам емисија која ќе се занимава со македонска музичка сцена. Правевме муабет прво со Ѓорѓи од 103-ка за кај него, планот беше со другар да ја водиме ама никако не се договоривме за термин. И случајно го видов повикот „Дали сакаш да бидеш водител“ на Инстаграм од Радио МОФ. И ајде си викам ќе се пријавам, зошто да не. Испратив, ме викнаа, се договоривме, снимивме и стварно излезе океј“.

Емисијата се емитува секој втор петок од 19:00 часот на Радио МОФ. Се фокусира на македонска музика од секаков вид, играјќи улога на платформа која им дава простор на млади артисти и бендови да се претстават себеси на јавноста и да ги споделат своите искуства, планови, амбиции и проблеми.

„Идејата тргна од тоа дека и јас се бавам со ова, свирам во бендот „Милко“ како басист и сум директно вклучен и засегнат од темите на емисијата. Можам да кажам дека клучен проблем, или еден од клучните, е што скоро и да нема некој медиум, емисија што пушта домашна музика. Ако сам не си ја пратиш песната негде во некоја радио станица и да се молиш да те пуштат никој нема да те слушне и да дознае за тебе. Мило ми е што гледам дека има некој одзив, луѓе пак почнуваат да слушаат македонски бендови, да слушаат домашна музика“.

Во моментов Филип ја снима втората сезона од емисијата. Епизодите вообичаено траат околу еден час, следат одреден концепт, а во голем дел од нив гостуваат млади, главно алтернативни млади музичари.

„Гледам да имам што повеќе гости и што повеќе промоција на македонски алтернативни производи. Ако тоа е случајот тогаш ја делам емисијата на три фази: првата е запознавање со бендот, кои се и што прават. Втората е каква опрема се користи, како ја креираат својата музика и третата најинтересна фаза е што би направиле и што би смениле за да излезе на виделина тоа што го прават. Секогаш заклучокот е дека нема места и нема простор младите бендови да се промовираат и да свират. Ама најинтересното е што никогаш тоа не ги спречило бендовите да прекинат да го прават тоа што го сакаат. Секогаш има нешто што ги тера да продолжат. Можеби тоа е и убавата страна, да имавме убав свет можеби и немаше ваква музика да излегува од младите артисти. А реално освен МКЦ и две-три други помали места низ цел град, кои други места ги имаат за да свират дечките“, заклучува Филип.

Разговорот полека се насочи кон оној неизбежен момент кој излегува на виделина кога станува збор за млади бендови – проблемите на алтернативните музички бендови, како на пример, просторот за свирење, но и тоа колку знаеш како да се „продадеш“.

„Млади бендови од било кој жанр носат публика. Барем во овој град има доволно луѓе што слушаат секаква музика. Ама еден од проблемите, според мене, е што не знаат да се рекламираат. Не знаат да се продадат. Многу се ретки луѓето што ќе застанат пред огледало и ќе зборат сами со себе како да се продадат. Не само во светот на музиката, општо ретки се луѓето што ќе седнат и ќе научат како правилно да се претстават себеси за интервју за работа, за било кои организации, што и да сакаш да направиш во животот мора да знаеш како да си направиш промоција на самиот себе“, објаснува тој.

Низ својата лична приказна тој зборува за музичките подеми и падови, но и за вербата во тоа што го прави.

„Лани имавме една песна што седеше на врв на мак. топ 5 на Антена пола година. 6 месеци. Од нигде, многу неочекувано. И тоа направи еден буст, не дознаа доста луѓе и организации, имавме некој подем во тој период и после тоа ништо. Имавме неколку покани да свириме надвор од земјава во Англија, Словенија, Германија, ама се е тоа скапо, тешко е како мал македонски бенд да отидеш на некоја таква мини-турнеја. Со другиот бенд седнавме еден ден тројцата членови и праќавме меилови на сите можни локали од околинава од наши песни. Буквално им се претставивме, ова сме ние, им пративме што свириме со надеж дека ќе не слушнат и дека ќе им се допаднеме. И успеа. Испопративме милион мејлови и пораки тој ден и од тоа направививме една мала балканска турнеја. Бевме во Грција и Србија, а сега еве правиме некои планови и за малку поголема турнеја низ соседниве држави вклучувајќи ја и Албанија. Нешто џоа троа поголемко проектче“, вели низ насмевка.

Финансиите, вели, секогаш се проблем. Но потоа и слободното време, ако се вработите.

„Убаво е кога работиш и имаш доход на пари ама кога не работеше никој од членовиве на бендот беше потешко. Ќе те викне некој некаде да свирите и немаш како да отидеш до таму. Или немаш кола или немаш гориво. А пак кога работите немате време. Ретко кога сите сте два дена слободни за да отидете некаде надвор од Скопје. Ама пак има некоја сила што те влече, што те тера да продолжиш да правиш нешто, да твориш и да сакаш луѓето да те слушнат. Зашто не ни се толку битни пари и слава. Не ни тргаме со таа мисла дека ќе не има на телевизија и дека ќе правиме којзнае какви настапи. Мене ми е важно моето дело да го направам и да остане и кога мене ќе ме нема. Да му текне на некој за сто или илјада години дека некој некогаш направил нешто и да те пушти. Кога се мислам што да пуштам во емисија и ќе ми текне дека некој пред 50 години направил добра песна и ќе ја пуштам, е тие се тие моменти за кои твориме“.

Потенцира дека музичката сцена кај нас не е мртва, но исто така загрижено споменува дека темелот на таа сцена е МКЦ. Да не е МКЦ, да се затвори, е тогаш можеби ќе дојде и смртта на музичката сцена кај нас, вели Филип.

Сепак младиот музичар е оптимист. Верува дека иднината на оваа сфера е светла и дека наскоро ќе почне новиот подем на домашната квалитетна музика. До тогаш, емисиите како неговата, остануваат местото каде може да се слушне што има да понуди иднината.

Георги Божиновски