Фестивалските алки се опасни „фарми за бактерии“, предупредуваат лекарите

Алките кои се делат на музичките фестивали се „тајни фарми за бактерии“ и можат да содржат 20 пати повеќе опасни микроорганизми од просечното парче облека, предупредува британски тим на лекари, кој направил истражување.

Иако носењето на алките е безопасно во неколкуте дена колку што обично трае еден фестивал,  проблемите настануваат со тоа што многумина ги носат како спомен долго време по завршувањето на фестивалите, а некои дури знаат да „наредат“ и по пет-шест вакви алки на рацете.

Микроскопскиот преглед на алка која била носена две недели по фестивалот, открила присуство на огромен број бактерии стафилококи, кои, иако најчесто се безопасни, можат да предизвикаат големи здравствени проблеми – од инфекции на расеченици, до труења, кои дури можат да завршат со смрт.

Затоа, лекарите ги повикуваат луѓето кои ги посетуваат музичките фестивали, веднаш да ги фрлат искористените алки, особено ако работат во здравство или на работни места поврзани со подготовка на храна, каде инфекциите можат лесно да се прошират.