Фестивал на млади виолинисти во Скопје и Битола

Концертите на младите виолинисти ќе се одржат во „Музејот на град Скопје’’ на 10-ти јуни во 19 часот и во „Заводот, музеј и галерија Битола“ на 13-ти јуни во 19 часот во „Салата на клавирите“.

Оваа година на „Violin fest“ ќе музицираат 12 ученици од повеќе градови од Македонија и тоа од Битола, Скопје, Охрид, Куманово и Штип. Преку нивните настапи ќе се докажат заложбите на виолинските педагози од државните музички училиштата во Македонија (нижи и средни), како и професионалното оформување на уметниците во „Факултетот за музичка уметност’’ од Скопје .

Пијано придружбата ќе ја реализира Марија Вршкова. На програмата ќе бидат дела од Крајслер, Шуплевски, Сарасате, Сен-Санс, Данкла, Виетан.

Веќе трета година по ред виолинистот Владимир Костов во соработка со „Музичката младина на Македонија“, продолжува со организацијата на „Violin fest“, односно фестивалот на младите виолинисти.

Идејата на Костов за создавање на еден ваков фестивал доаѓа од желбата да се презентираат на едно место младите виолинисти од цела Македонија, без разлика на нивната возраст.

„Violin fest“ својата прва реализација ја имаше на 12 јуни 2013 година во Музејот на град Скопје. На овој премиерен концерт настапија ученици од државните музички училиштата во Македонија и студентите од „Факултетот за музичка уметност“ од Скопје.

Фестивалот се реализира со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.