„Fashion Revolution Macedonia“: Модната индустрија е една од најголемите загадувачи

Група ентузијасти неодамна започнаа модна револуција во Македонија. Нивната цел е да укажат за штетната страна на модната индустрија и последиците во однос на животната средина, луѓето и бизнисите. На 1 октомври го организираа првиот настан на кој посетителите можеа да разменуваат облека и да погледнат филм.

„Fashion Revolution Macedonia“ го сочинуваат: Ана Јакимовска, Ема Јакимовска, Виктор Стојкоски, Ирина Тошева, Магдалена Таневска, Ева Зарезанкова и Александра Спасеска. Тие периодов се посветени на организирање идни активности, а во разговор за Радио МОФ зборуваат за социјалниот и еколошкиот момент на модната индустрија кај нас.

Станува збор за глобално движење, но што поттикна на модна револуција и кај нас?

На 24-ти април 2013, поради лошата и невнимателна изградба на текстилниот комплекс „Rana Plaza“ во Бангладеш, доаѓа до негово рушење, при што загинуваат 1,133 текстилни работници, а над 2,500 се повредени. Со тоа станува најголемата катастрофа што некогаш ѝ се случила на модната и текстилна индустрија, а како реакција се раѓа и глобалното движење Fashion Revolution. Оттогаш, движењето почнува да се шири и да има свои ограноци насекаде низ светот. Нашата земја се приклучува во 2015-та година, но поради малата застапеност на темата одржлива мода, целосен тим формиравме дури оваа година. Претходните активности не вклучуваа јавни настани, но сега сме подготвени за поактивна вклученост и едукација на пошироката јавност.

Секој 24-ти април е „Fashion Revolution Day“. На овој ден сите дизајнери, брендови и бизниси во модната индустрија се предизвикани да учествуваат, со што би ја покажале или преземале одговорноста за луѓето од кои зависи нивниот успех. Ваков настан ќе се случува и во Македонија. На тој начин, ќе ги поттикнеме потрошувачите да ги „прашаат“ модните брендови кој стои зад произведеното парче облека, а со тоа да побараат и поголема транспарентност за сите вклучени ресурси во ланецот на набавка, производството, маркетингот, продажбата итн. Затоа е потребна модна револуција и кај нас.

Каква е ситуацијата со отпадот од текстилната индустрија кај нас? Може ли државата нешто да преземе за да се подобрат работите?

Модната индустрија е еден од најголемите загадувачи на животната средина во светот. Само 15 проценти од употребената облека на потрошувачите се рециклира. Текстилниот отпад е проблем со кој се соочуваат и фабриките во нашата држава. Треба да се изнајдат соодветни начини за тој да не завршува на депониите, бидејќи штетите врз екологијата, јавното здравје и економијата се огромни. Сакаме да истакнеме дека отпадот може да биде искористен како ресурс за ново производство. Постојат многу начини на рециклирање на остатоците од текстилните фабрики и креирање на нов, употреблив дизајн. Јавноста мора да стане свесна за негативното влијание од текстилниот отпад врз животната средина. Потребна е стратегија за одржлива модна индустрија на национално ниво, каде ќе бидат вклучени сите засегнати страни – Владата, образовните институции, меѓународните организации, НВО секторот, оние коишто ги носат одлуките во текстилната индустрија, медиумите, како и потрошувачите. Сите чинители треба да дејствуваат етички и еколошки.

Какви се навиките на македонските потрошувачи?

Според нас, македонските потрошувачи сè уште немаат навика да купуваат „second hand“ облека или активно и целосно да учествуваат во разменувањето на облека. Тоа се докажа и од нашиот прв настан. Облеката која беше разменета беше во далеку помал број од онаа којашто беше само донирана. Сепак нашата цел беше  посетителите го продолжат векот на облеката, со тоа што ќе си ја разменуваат меѓу себе. Затоа сме тука да дејстуваме на локално ниво. Да ги образуваме потрошувачите за тоа како и каде можат да делуваат и кои од своите навики е потребно да ги променат за да самите придонесат кон потранспарентна, одржлива и етичка модна индустрија.

Кога се зборува за производство на облека, кај нас се отвора и социјалната тема за текстилните работнички, кои служат како евтина работна сила на голем број модни брендови. Дали и како оваа иницијатива ќе се осврне на овој проблем?

Секако, покрај проблемот со загадувањето на животната средина, се осврнуваме и кон експлоатацијата на трудот на текстилните работнички во модната индустрија. Токму оваа група на луѓе од целокупниот синџир на производство на едно парче облека е една од најзначајните и за жал – најзагрозените. Потрошувачите заслужуваат да бидат информирани за позадината на произведената облека односно за човечките ресурси вклучени во процесот на создавање, продажба и употреба на модните производи. Токму таа група настојуваме да ја ставиме на пиадестал и да дадеме до знаење дека нивниот труд е многу значаен за облеката која ја носиме, а за која луѓето ретко се интересираат како, од што и во кои услови е изработена.

Како треба да се гледа на облеката, според вас? Што треба да се смени во сфаќањата кај луѓето, но можеби и во маркетингот?

Тргнувајќи од фактот дека граѓаните ретко размислуваат за тоа што купуваат и како треба да го одржуваат, има многу работи/навики за кои сакаме да ги едуцираме луѓето. На пример, секој од нас може да почне да внимава на тоа колку парчиња се навистина доволни, да почне да се информира и да внимава од што се произведени парчињата кои ги купува, да учествува во разменување на облеката итн.

За крај, многу поетички е својата облека да ја купувате од локални дизајнери и/или производители наместо да придонесувате за брендови, кои облеката ја прават во сомнителни услови и за кои немате доволно информации како ги третираат своите вработени. Многу подобро е да купите едно навистина вредно и квалитетно парче облека отколку десетина евтини, со пократок рок на трање. Важно е да запомниме дека секој мал чекор е придонес кон поголема одржливост во модната индустрија и позитивно влијание врз животната средина. Промената почнува од самите нас.

Емилија Петреска