Европа ќе забрани споделување фотографии од јавни места?

Во Европскиот Парламент во четврток (9 јули) ќе се гласа за предлог со кој би можело да биде забрането споделувањето фотографии од јавни згради и споменици на целата територија на Европската унија, односно за секоја фотографија од некое дело да биде споделена на социјалните мрежи како Фејсбук, ќе биде неопходна дозвола од авторот на делото. „Слободата на панорамата“, како што се нарекува принципот на непречено фотографирање јавни добра, со ова би можела да биде сериозно ограничена.

Европратеничката од редовите на германската Партија на пиратите, Јулија Реда, пред неколку месеци поднела предлог за уривање на регулаторните бариери за дигиталните производи и услуги на ниво на целата Унија, со што, меѓу другото, „Слобода на панорамата“ би се вовела и во земјите кои досега не ја имале регулирано оваа област, како Италија или Франција. Но, Реда вели дека нејзиниот предлог, чија намера била да се либерализира дигиталниот пазар во Европа, во меѓувреме бил променет и се претворил во целосна спротивност на првичната идеја.

„Дури и за приватна фотографија од некоја зграда објавена на Фејсбук ќе ви треба дозвола за објавување од архитектот кој ја проектирал зградата. Ова е невозможно да се спроведе, па затоа и неприфатливо“, вели Реда.

Со најновиот предлог за измени на Законот за авторски права во ЕУ, предвидена е „фер рамнотежа меѓу правата и интересите на носителите на авторските права и корисниците“, што во превод, кога се фотографиите во прашање, значи никој нема да смее комерцијално да ги користи без дозвола на авторот. Иако дотука предлогот звучи разумно, проблемот е во тоа што според правилата на најголемата социјална мрежа – Фејсбук, со објавување на секоја фотографија на мрежата, корисниците автоматски му даваат право на Фејсбук да ја користи на каков било начин, вклучително и комерцијален.

Противниците на ваквото ограничување на правото на граѓаните да фотографираат на јавни места се организираа и покренаа петиција со која се бара да не се задира во „Слободата на панорама“ на каков било начин, а овој принцип да се вметне во заедничките европски закони како неотуѓиво право. На петицијата досега се потпишале околу 320.000 граѓани.