„Еволуција на сонот“ – последниот настан кој ќе се одржи во стара куќа во Дебар маало

„Еволуција на сонот“ е дводневен настан со музичка, филмска и театарска програма, кој викендов (15 и 16 октомври) ќе се случува во „последниот двор во Дебар Маалo“, на адреса на Рузветова 44-А, стара куќа изградена во 50-тите, која наскоро ќе биде срушена.

„Еволуција на сонот“ е настан осмислен  како едно спонтано дружење во кое куќата на оваа адреса ќе биде точка во градот кадешто дружењето ќе добие поинаква форма, празна куќа полна со уметност. Куќата е изградена во 50-тите години, го преживеала земјотресот од 63-та година, но едноставно, не успеала го преживee урбанистичкиот подем во Дебармаало. Кон крајот на месец октомври оваа куќа ќе биде срушена, и на нејзино место ќе биде изградена зграда.

На настанот има богата музичка, театарска и филмска програма, а освен тоа, основа на проектот „Еволуција на сонот” е ликовната уметност.

Етаблираните македонски ликовни имиња: Јана Куновска, Мирослав Стојановиќ – Шуки, Милан Андов, Атанас Ботев, Матеј Богдановски, Иван Ивановски, Мирослав Масин, Сергеј Андреевски, Владимир Лукаш, Јана Манева, Јана Јакимовска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ване Костуранов, Горан Костовски – Инд Ог, Матеа Матевска, Ненад Тонкин,  Доротеј Нешовски ќе ја имаат на располагање старата Дебармаалска куќа, со девет идентични соби и таван кои ќе ја бидат нивни платна. Исто така ќе имаат на располагање и двор, како во полушума од разгранети кајсии, покрај сивилото на центарот.

Куќата ќе биде отворена во секое време, за секој што ќе помине да може да влезе, да праша и види што се случува, бидејќи уметниците ќе доаѓаат во различно време да ја сликаат куќата.

На крајот на месец октомври, куќата на Рузвелтова 44-А ќе биде срушена. Првиот багер ќе ги уништи уметничките дела што ќе бидат создадени за време на настанот и ќе ги занеме разговорите од културно-уметничкиот живот, што ќе се случат на овој настан.

Преку уништувањето на создадената уметност, ќе биде прикажано уништувањето на сето тоа што човекот го создава. Современоста и подемот полека, полека ја уништуваат природата, го уништуваат соживотот, не уништуваат нас како интелигентно битие. И сето тоа, самите си го правиме, без да придаваме значење, без да сме свесни и да приметиме што ли си направивме, пишуваат организаторите.