Евакуација на 3.000 бегалци од предградие во Париз

Властите од Париз денеска почнаа евакуација на околу 3.000 бегалци од шаторскиот камп под железничкиот мост на северозападот на француската престолнина. Таму се населија голем број луѓе откако минатата недела беше затворен кампот во крајбрежниот град Кале.

Полицијата ја почнала евакуацијата утринава во пет часот, а светските медиуми јавуваат дека мирно се одвива дислоцирањето на бегалците кои се наоѓаат во близина на каналот Сен-Мартен под накривениот мост за метро во квартот Стаљинград.

Портпаролката на париската преферктура рече дека бегалците, од кои повеќето потекнуваат во земји разорени од војна, како што се Авганистан и Судан, со автобуси ќе бидат сместени во парискиот регион, каде ќе можат да поднесат барање за азил. На локацијата се распоредени околу 600 полицајци.