Еуростат: Македонците на скоро 32 години го напуштаат домот на родителите за да се осамостојат

Македонците, во просек, го напуштаат домот на своите родители на 31,8 години, покажуваат најновите податоци на Еуростат. На европско ниво, генералниот просек изнесувал 26,2 години во 2019 година.

Родовиот јаз, пак, помеѓу просечната возраст на напуштање на родителскиот дом изнесува 1,9 години на ниво на ЕУ во 2019 година. Во Северна Македонија, родовиот јаз е прилично изразен, односно мажите значително подоцна го напуштаат домот на своите родители отколку жените, поточно за 7,6 години во просек.

Целосен контраст на овие бројки има во Луксембур со 0,3 години. Таа всушност е единствената земја во Европа каде жените го напуштаат домот на родителите подоцна од мажите.

Од земјите членки во Европската Унија, меѓу најмладите кои го напуштаат семејниот дом се оние во Шведска, (17,8 години), Данска (21,1 година) и Финска (21,8 години), како и во Луксембург (20,1 година). Младите до 25-тата година кои се осамостојуваат се оние од Естонија (22,2 години), Франција (23,6 години), Германија и Холандија (по 23,7 години).

Но, младите од ЕУ кои најдолго остануваат во домот на своите родители се оние од Хрватска (31,8 години) и Словачка (30,9 години). Слична е ситуацијата и во Италија (30,1 година), Бугарија (30 години), Малта (29,9 години), Шпанија (29,5 години), Португалија (29 години) и Грција (28,9 години).

Статистиките, исто така, покажуваат дека дури 60,7% од Македонците на возраст од 25 до 34 години во текот на минатата година живееле со своите родители, додека во Данска само 4% .

Според анализата на Еуростат, најчести причини поради кои младите го напуштаат семејниот дом е живеење со партнер, студирање, како и нивното ниво на финансиска (не)зависност, услови на пазарот на труд, но и различни социјални и културолошки фактори.