ЕСЕ: Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер не се применува во целост

Здружението ЕСЕ (Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на РМ), реагира дека дури и 10 години по донесувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, тој не се применува во целост. Реакцијата ја пренесуваме интегрално:

На 28 септември, 2016 година се одбележува 10 годишнината од донесувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и работата на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер (КОМСПИ). Но и по 10 години граѓаните се уште се соочуваат со пречки во пристапот до информации од јавен карактер, а пак јавните институции се позатворени за јавноста. Сево ова може да се заклучи преку тоа што

–          Министерството за финансии, и по 10 години, информациите за трошењето на средства од буџетот на РМ ги смета за тајни податоци повикувајќи се на точка 23 дел IV од Упатството за начинот на трезорско работење;

–          институциите на национално ниво се понетранспарентни од институциите на локално ниво;

–          36% од мониторираните јавни институции, во 2015 година, не обезбедиле податоци во редовна постапка за слободен пристап до информации од јавен карактер односно молчеле;

–          39% од мониторираните јавни институции, во 2015 година, доставиле одговор на добиените барања за слободен пристап до информации од јавен карактер во рок подолг од законски утврдениот (подолг од 4о дена);

–          65% од јавните институции предмет на мониторинг, во 2015 година, немаат објавено ниту еден податок за своето финансиско/буџетско работење;

–          25% од мониторираните јавни институции, меѓу кои и Министерството за здравство, во 2015 година, немаат објавено ниту еден податок за своето програмско и буџетско работење;

–          континуирано се зголемува бројот на барања за информации од јавен карактер по кои јавните институции молчеле (во 2015 година биле поднесени вкупно 961 жалба поради молчење на јавната администрација, во 2014 година биле поднесени 785 жалби, а пак во 2013 година 428);

–          едукативните работилници што ги спроведува КОМСПИ не придонеле кон унапредување и олеснување на пристапот до информации од јавен карактер што се потврдува со податоците изнесени претходно;

–          60% од мониторираните јавни институции, во 2015 година, на својата интернет страница немаат објавено листата на информации од јавен карактер, а пак КОМСПИ не располага со информации за тоа колку јавни институции ја имаат објавено и ја имаат ажурирано Листата на информации од јавен карактер. Иако за необјавување или пак неажурирање на листата на информации со кои располага институцијата, одговорното лице предвидено е да биде казнето со парична казна (член 42 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер);

–          55% од мониторинирани јавни институции, во 2015 година, на својата интернет страница немаат објавено информации за лицето назначено како одговорно за посредување со информации од јавен карактер, а пак КОМСПИ не располага со информации за тоа колку јавни институции ја имаат објавено и ги имаат ажурирано овие информации.

Здружението ЕСЕ од 2013 година го мери и оценува нивото на реактивна и проактивна транспарентност на јавните институции. Преку оценувањето на нивото на реактивната и проактивната транспарентност, ЕСЕ има за цел да утврди дали власта ги почитува основните критериуми за транспарентно работење утврдени со меѓународни и национални стандарди. Процесот на оценување опфаќа мерење на обемот на јавно достапните документи за буџетското и програмското работење на јавните институции и оценка на почитувањето на нормите предвидени во важечкиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер на Република Македонија. Во текот на 2015 година нивото на проактивна транспарентност мерено е кај 20 јавни институции од РМ, а пак нивото на реактивна транспарентност мерено е кај 67.