ЕСЕ: Во 2019 година е намалена транспаретноста на институциите

Во 2019 година се забележува тренд на намалување на нивото на транспарентност кај јавните институции, а во исто време се зголемува бројот на нетранспарентни јавни институции во однос на претходните години, анализираат од Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ).

Според истражување на ЕСЕ, во 2019 година институциите го намалиле бројот на информации кои јавно ги објавуваат.

Потенцираат дека бројот на институции кои во 2019 година објавуваат помалку од 25% од потребните информации е зголемен за 18% процентни поени во однос на 2017 година.

„Во 2019 година нема проактивно транспарентни институции, односно институции кои објавуваат повеќе од 75% од задолжителните документи/информации за јавноста. Најголемиот дел од документите кои јавните институции не ги објавуваат се буџетски календар; пред – буџетска изјава;  предлог буџет; и годишни програми за работа. Институции кои не објавуваат најголем дел од потребните информации на своите интернет станици се: Институтот за јавно здравје, Министерство за образование и наука, Министерството за правда, Фонд за здравствено осигурување и Министерство за внатрешни работи“, анализираат од Здружението.

Ова, велат тие, е особено поразително и покрај заложбите на Владата за транспарентност и отвореност во свое работење.

„Резултатите од истражувањето на ЕСЕ покажуваат дека ‘Стратешкиот план за транспарентност и отчетност на Владата на РСМ’ и ‘Листа на задолжителни 21 документ” не ги даваат очекуваните резултати“, потенцираат од таму.

Малиот обем на јавно достапни информации за спроведувањето на буџетскиот процес, велат од ЕСЕ, го потврдува и извештајот за отвореност на буџетот за 2019 година, според кој земјава се наоѓа на најниско ниво во однос на земјите во регионот и е оценета како земја која објавува речиси минимален број на буџетски информации.

„Дополнително загрижува фактот дека во 2019 година, говорат и наодите дека расте непостапувањето на институциите по однос на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, односно се зголемува бројот на постапки по кои институциите молчат (за 1,24% повеќе од 2017 година)“, забележува ЕСЕ.

Во 2019 година проактивно нетранспарентни се 23 од монитораните институции или 92%, и реактивно нетранспарентни се 5 од монитораните институции или 24,47%.

Од ЕСЕ констатираат дека во групата на институции кои не го почитуваат Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер влегуваат: Влада, Министерство за финансии, Институт за јавно здравје и Фонд за здравствено осигурување.

Препораките за унапредување на транспарентноста, методологија на спроведените анализи и наоди од спроведениот мониторинг, може да се погледнат тука и тука.