Ердоган: Пред сè, жените се мајки

„Знам дека некои ќе се налутат, но според мене, жената пред сè друго, е мајка“, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во својот говор по повод Меѓународниот ден на жената 8 март, предизвикувајќи уште еднаш гнев кај феминистките и активистките за женски права.

Зборувајќи во Анкара, на собир составен речиси исклучиво од жени, Ердоган исто така ги поттикнал жените од публиката да „го заштитат семејството“ и го обвинил капиталистичкиот систем дека ги „поробува“ жените за профит.

„Не можете да ги ослободите жените, уништувајќи ја суштината на семејството“, рекол Ердоган.

Гледиштата на Ердоган за овие прашања досега многупати беа критикувани од активистите. Турскиот претседател изјави дека жените и мажите не можат да бидат еднакви, ја нарече промоцијата на контрацепцијата „предавство“, ги убедуваше турските жени да имаат најмалку три деца и предложи измени во правото на абортус и породувањето со царски рез.