Енергетско-ефикасни училишта и образование за климатски промени, бараат од „Гоу Грин“

Најголемиот дел од средните училишта во земјата се со ниска енергетска ефикасност, нема изолација, се забележуваат стари прозорци и користат енергенс за струја и/или загревање со потекло од фосилни горива како нафта и јаглен, оценуваат од здружението „Гоу Грин“.

Револтирани од актуелната ситуација, тие започнаа петиција со која бараат институциите да посветат повеќе внимание и ресурси на зајакнување на енергетската ефикасност на училиштата и користење сончева енергија за загревање и струја.

„Бараме училиштата да ја зголемат класата на енергетска ефикасност (изолација, покрив, прозорци) и да користат сончева енергија за греење и струја (солар-термал). Со овие интервенции ќе придонесат за намалено загадување на воздухот и намалување на придонесот кон климатските промени, а истовремено ќе ја развијат и еколошката свест кај учениците и училишната администрација“, стои во нивната петиција.

Ова барање го упатуваат до Министерство за економија, Министерството за животна средина, општините и ЗЕЛС.

Покрај ова, тие бараат и поголема застапеност на содржини на тема одржлив развој, со посебен акцент на климатските промени, во сите наставни програми, или изготвување наставни програми за меѓупредметни теми од областа на одржлив развој заедно со сите нејзини поттеми и мерки за адаптација и ублажување на климатските промени.

„Со оваа петиција бараме да се формира работна група од Министерството за образование, Бирото за развој на образованието, како и Центарот за стручно образование и обука за да се изготви анализа и детални препораки за реални промени во образовните програми за поголема застапеност на темата одржлив развој со акцент на климатските промени“, стои во петицијата на „Гоу Грин“.

Линк до петицијата ТУКА.