Еколошка акција: Еден час мрак утревечер на 66 локации низ Македонија

Седма година по ред, Македонија се вклучува во одбележувањето на најголемата светска еколошка акција Часот на планетата Земја. Утре, во 20:30 часот по локално време, во период од еден час во мрак ќе потонат над 178 земји и 7000 града ширум светот. Како што акцијата ќе патува низ часовните зони, милиони луѓе ширум светот преку симболично исклучување на осветлувањето во период од еден час ќе испратат порака за спас на планетата Земја.

Македонија годинава го надминува минатогодишниот рекорд на исклучени локации, па така годинава вкупно 66 локации ќе ги исклучат светилките за Часот на планетата Земја во нашата држава.

Централниот настан е закажан на плоштад Македонија, кога во 20:30 часот веднаш по исклучувањето на целосното осветлување, скопјани ќе бидат сведоци на неверојатен флеш моб перформанс организиран од денс клубот Аква проследен со флуоресцентни светечки ефекти, а настапот ќе биде поддржан од волонтерите на Црвениот крст кои ќе го осветлат плоштадот со над 300 свеќи, испишувајќи го логото на акцијата – „60+“.

Во централното градско подрачје, со поддршка од Град Скопје, во мрак ќе потонат и Улица Македонија, Палата Пелистер, Ристиќева палата, Порта Македонија, Камениот мост, Скопската тврдина, Македонскиот народен театар, Музејот на македонската борба, Археолошкиот музеј, Паркот „Жена борец“ со спомениците, објектот на АЕК, Јавното обвинителство на Република  Македонија, Министерството за надворешни работи, Плоштадот Филип Втори, Мостот „Око“ и  Мостот на уметноста.

И скопските општини Аеродром, Карпош и Гази Баба најавија своја поддршка кон акцијата и во 20:30 часот ќе го исклучат осветлувањето на повеќе локации на својата територија. Во Охрид, пак, во мрак ќе потонат Црквата Света Софија, Градскиот плоштад и гимназија Свети Климент Охридски.

Своја поддршка кон акцијата најавија и градовите Струмица, Битола, Велес, Крушево, Ресен, Радовиш, Струга, Куманово, Кавадарци и Берово, резерватот Јасен, но и повеќе компании.

Во Часот на планетата Земја четврта година по ред се вклучува и Црвениот крст на Република Македонија кој преку своите 34 општински организации и Црвениот крст на град Скопје помагаат во проширување на акцијата низ целата Република.

ЕВН Македонија го најави конкурсот на тема „Како ќе го одбележите Часот на планетата Земја?“ во чии рамки, ќе се одберат најдобри 10 фотографии и видеа од одбележувањето на акцијата во Македонија, а наградените ќе добијат сет од 10 ефикасни лед светилки. Во конкурсот ќе учествуваат сите оние кои на социјалните мрежи ќе објават фотографија или видео со ознаката #EarthHourMK или пак ќе ги испратат фотографиите и видеата преку емаил на konkurs@earthhour.mk.

Оваа година акцијата е поддржана и од Канцеларијата на УНДП во Македонија.

Часот на планетата Земја е глобално еколошко движење креирано од WWF, а поддржано од UN. Како една од првите кампањи креирана од луѓето за луѓето, Часот на планетата Земја прерасна во симболичен настанкој се одбележува во многу градови и земји, поддржан од индивидуалци, бизниси, организации и влади, со цел да се подигне еколошката свест кај граѓаните.