Ефтини студентски приказни

Има работи што можеш да ги платиш, а има и работи што не можеш, па макар и една шпенагла да е. Така одат тие некои работи кои ние бруцошите најубаво ги знаеме, зар не?! За секоја прилика, за секое место, во различно време и различни услови постојат непишани правила, а ние изгубени, кај не ги знаеме оние пишаните па уште и овие другиве треба да ги научиме. Навистина, нема смисла ! Ама тоа е тоа, што ни преостанува освен да бидеме фини и културни ?! Ќе помислам, после факултетскава диплома ќе треба и една од драмски да ми доделат, а никогаш не ни помислив дека и тој талент ќе излезе од мене, па уште и на вакво место!

Да се вратиме на темата. Ете заврши првиот семестар и дојде време да запишеме втор. Мислам дека најпрво ми требаа 15 минути за да ги прочитам сите потребни документи, па уште 15 за да ги разберам, а да не кажувам колку ми требаа за да ги уплатам сите можни уплатници, додека пак, пополнувањето на формуларите беше апсолутно незаборавно доживување. Какви трагедии. Сите предмети, сите шифри како кинеско-хебрејска азбука едвај ги напишав, но баш тогаш кога ги напишав видов дека формуларот е оној погрешниот и ко за несреќа немаше време ни за нервози ни за паники, па видов-не видов, отидов и купив нови. И кога конечно ми надојде еден бран на задоволство за успешно совладаната мисија, тука беше мојата колешка да ме потсети дека сепак една мала финеса недостасува! Сега ве замолувам да обрнете посебно внимание на овој исклучително важен детаљ! На сета мака, на цело трчање и чекање по шалтери сеуште имаше нешто што ми недостасуваше. Можам да се обложам дека никој од вас нема да го погоди тоа дури ни во своите следни 10 животи. Епа драги мои ми недостасуваше хефталица. Да, баш тоа! Уплатниците требаше да ги захефтам за формуларите. Една од внатре, една од напред, друга од назад и уште на сто други начини. Тоа се моментите кога сфаќаш дека деталите и ситниците ја играат главната улога во твојот живот, а ко за несреќа „Студентски прашања“ тукушто затвори, но немајќи друга опција и покрај лошото расположение на вработените, за кое ме предупреди колешката, јас решив да го покажам гордиот и учтив студент во мене. Тропам на вратата и влегувам.

– Добар ден. Извинете што пречам, но сакам да ве замолам ако може да ми позајмите една хефталица бидејќи ми е потребна да ги закачам уплатниците за формуларите ?
– Епа ајде дојди, штом е една не правиме проблем.
– Ви благодарам многу. Еве, тука едната, а овде другата.
– Еееее, па нели само една беше? Да знаев јас дека волку е вредна хефталицава ќе почнев да ви ги наплаќам.
– Ви благодарам уште еднаш. Пријатно!

Изненадена во првиот момент, почувствував една ведрина и пригушена смеа во гласот на вработената, но уште позадоволна излегувајќи од нивната канцеларија ги оставив потребните документи. Значи, трудот кој го вложуваме, колкав и да е, е незначителен во споредба со нашиот однос кој треба да претставува јака страна на секое идно академско лице. Знаењето, искуството и убавиот збор се трите клучни алки во синџирот на нашата студентска приказна.

Мартина Аврамовиќ