Едукативна акција во основните училишта за заштита на озонската обвивка

По повод Меѓународниот ден за заштита на озонската обвивка, компанијата Пакомак во неколку основни училишта од денеска ја започнува кампањата „Да го заштитиме озонот“.

Најмладите ќе се информираат за озонската обвивка која преставува дел од атмосферата на височина од 19 до 48 километри од земјината површина, која ги филтрира ултра-виолетовите зраци и ги рефлектира во вселената.

„Учениците ќе се едуцираат за активностите кои влијаат на оштетувањето на озонската обвивка, како и какви мерки треба да се превземат за да се спречи катастрофа. Тие ќе бидат информирани дека иако станува збор за глобален феномен, секој индивидуално со своето однесување, незагадување е пример за останатите и може да придонесе локално, за да имаме поздрав животна средина. Дека секој отпад несоодветно третиран ја загадува почвата, причинува да дојде до испарување на отрови во атмосферата, што севкупно влијае негативно на озонот“, се вели во соопштението.

Материјалите ќе содржат информации за озонот кој делува како штит и ја заштитува земјината површина од штетното ултравиолетово зрачење, за озонската дупка во големина на северна Америка која се наоѓа над Антарктикот, за ефектот на стаклената градина, за стратосферата со чие слабеење луѓето и живиот свет би биле поизложени на УВ зрачења кои предизвикуваат рак на кожата, катаракти и имуни заболувања.

Од компанијата информираат дека материјалите ќе бидат прилагодени на децата, ќе содржат илустрации за тоа како озонот се ослабува, што не треба да се прави и како сите ние можеме да придонесеме кон неговата заштита.