Една од новинарките кои ги разоткрија убиствата и мачењето во „геј логорите“ во Чеченија доаѓа на Engage

Ирина Гордиенко, новинар и дописник на весникот Новаја Газета, е една од говорниците на Engage Конференцијата за социјален активизам. Гордиенко е една од новинарките кои први го истражуваа и објавија масовното приведување, мачење, а во некои случаи и убивање на ЛГБТ лицата во Чеченија, заедно со својата колешка Елена Милашина.

На 1 април, светот беше информиран дека се извршува масовен прогон на геј мажи. Милашина објави сторија поткрепена со докази, а на тоа властите на Чеченија одговорија дека „во државата не постојат хомосексуалци“. Најмалку тројца од стотината сведоци на Гордиенко и Милашина се мртви.

Новинарките сега се соочуваат со закани за убиство, а Милашина ја напушти Русија, откако во џамија во Грозни, главниот град на Чеченија, народот беше повикан да ги „масакрира новинарите“ на 3 април. Гордиенко сè уште е во Русија, а Милашина не открива каде се наоѓа поради опасноста по нејзиниот живот.

Говорничката на Engage, Гордиенко, е специјален дописник на Новаја Газета, а пишувала за конфликтите во Кавказ во изминатите осум години.

Engage најавува и дека потврдени гости од Македонија се и Фчерашни новости, сатиричното шоу на ТВ Телма. Покрај презентацијата на авторскиот тим на Фчерашни, водителите Јована и Петар ќе го модерираат настанот.

Досега, на конференцијата се најавени и Биргита Јонсдотир од исландската Пиратска партија, Иван Новак од Лајбах, активистот и историчар на уметност Никола Писарев и Астални проекции, кои ќе изведуваат ангажирана поезија.

Конференцијата е бесплатна, но поради ограничениот број на места, потребно е претходно регистрирање. Регистрацијата ќе биде отворена на 30 мај.