Едита Битиќи: Дебатата те подготвува за животот

Едита Битиќи е средношколка од Скопје која минатата недела беше прогласена за најдобар говорник на Националниот дебатен турнир, додека тимот во кој таа беше дел „Veritas“ е прогласен за најдобар. Во интервју за Радио МОФ, Битиќи зборува за тимската работа, дружењето што го нуди дебатата, но и за тоа како аргументирањето помага понатаму во животот.

Ти беше дел од Националниот дебатен турнир за почетници каде со тимот „Veritas“ си заминавте како победници. Како успеавте тимски да ја однесете победата?

Покрај тоа што треба да бидеш добро спремен и да бидеш добар говорник, во дебата најважното нешто е да се има тимска линија. Тоа значи дека тоа што го кажува првиот говорник, вториот треба да го продолжи и третиот да го поддржи, на тој начин да може да се види дека работеле и се спремале заедно и дека во тој тим има ефикасна тимска работа. Ова беше токму тоа што го направивме ние.

На која тема дебатиравте и колку време имавте за да се подгответе?

Тезата на која дебатиравме беше „Овој дом верува дека социјално загрозените фамилии треба да примаат дополнителна финансиска помош чија висина ќе зависи од училишниот успех на нивните деца”. Според тоа што како тим се најдовме викендот пред турнирот, имавме една недела за спремање, но некако успеавме покрaј сите тестови во училиште да постигнеме и добри оценки, а секако и добри случаи за дебатирање.

Оваа година, за првпат се воведе форматот World Schools (WS) дебата. Што е поинакво од вообичаениот облик на дебата и колку  лесно може да се прилагодат почетниците на неа?

Колку што знам пред оваа година се дебатираше на Karl Popper, формат кој што е полесен за дебатирање заради тоа што меѓу говорите има пауза и време за спремање, но во WS, говорите се одвиваат непрекинато и може да биде предизвик од време на време, особено за опозициските говорници, а и за вториот и третиот од пропозиција, затоа што освен продолжување на случајот, презентирање итн. треба и да побиваат аргументи претставени од претхондите говорници, така што додека дебатерот го пишува тоа што се кажува, истовремено треба и да мисли како би можел да одговори на тоа.

Покрај тимот, ти беше прогласена и за најдобар говорник. Што според тебе беше клучно да ги освоиш гласовите на судиите?

Тоа што го правевме сите пред секоја рунда на дебатирање беше дека ги прашувавме судиите за нивната ‘“филозофија на судење”, т.е. што тие ценат повеќе во една дебата. Според мене тоа што ги изјаснував мислите јасно и гласно, беше една од причините за да ги освојам гласовите, но од друга страна се обидував што поструктурирано да ги презентирам идеите и издржано да побивам аргументи претставени од другиот тим.

На турнирот учествуваа огромен број на дебатери од целата држава. Колку запознавањето и размената на знаења и искуства со нив сметаш дека ќе ти помогне во иднина?

Освен компетитивната страна, дебатата ја има и таа страна на социјализација, дружење со различни типови на карактери, мислења, убедувања. Така да низ цело ова искуство, а и во моментите кога си нестрплив и неизвесно чекаш да соопштат резултати, знаеш и да се опуштиш и да се смееш во цела група луѓе кои што го споделуваат истото искуство. Да бидеш опкружен со врсници кои горе долу имаат ист став за некои работи, а некои и сосем спротивен став, предизвикува една неформална дебата со теми од секојдневие. Така да истовремено се дружиш и дебатираш. Ова овозможува да бидеш спремен за понатамошниот живот, дали работење со нучници или договор со политичари, самиот процес на дебатниот турнир делумно те подготвува за тоа.

Зошто според тебе важно е за младите да дебатираат? Што е она што дебатерството им го овозможува на младите?

Дебатата е како алатка за ширење на спектарот со кој што го гледаме светот, веќе почнуваш да ги гледаш работите од повеќе страни и претставува предизвик кога треба да браниш мислење што цел живот си го напаѓал. Учиш како да слушаш туѓо мислење и да го предизвикаш со факти, а не само со други верувања. Ова е особено корисно за младите, зашто со самото дебатирање на една дадена теза, тие треба да читаат и да анализираат работи кои што можеби никогаш не би ги заинтересирале, а кога веќе го прават тоа стануваат поприсутни во актуелноста, било тоа политичката, научната или културната.

Е.П.