ЕДЕН: Да запре сè што води кон губење на статусот УНЕСКО за охридскиот регион

„Регионот не смее да го изгуби статусот УНЕСКО и сè што води кон тоа мора да запре“, е генералниот заклучок кој бил постигнат на вчерашната консултативна средба со засегнатите чинители од охридско-преспанскиот регион, информира Здружението за заштита на животните и животната средина „ЕДЕН“ пред утрешниот состанок со мисијата на УНЕСКО.

„Ме боли кога го гледам езерото вакво. Не треба да зборуваме дека ќе го заштитиме, туку треба да го сториме тоа“, порачала Вера Новевска од Македонското лимнолошко друштво, пензиониран научник со 35-годишен работен стаж во Хидробиолошкиот завод во Охрид.

На средбата се зборувало и за отпадот како голем проблем во регионот и општо во цела Македонија. Еден од главните заклучоци бил дека не се почитува законската регулатива, додека било истакнато и неопходност од масовна едукација за огромното природно богатство со кое располага регионот и за неговото зачувување за трајни резултати.

„На заштитата на животната средина не смее да се гледа како на неможност за остварување профит, напротив, туризмот во регионот постои токму поради природата и токму затоа не смееме да си дозволиме да ја уништиме засекогаш. Уништувањето на природата ќе значи уништување на туризмот“, смета Драгана Велковска од Здружението „ЕДЕН“.

„Една Словенија живее од тоа што ја продава приказната на првата зелена земја во светот, а има далеку помалку природни богатства од Македонија. Ние имаме многу, но мора да научиме убаво да ги спакуваме ако сакаме да ги продаваме“, потенцирал Александар Јованоски од туристичкиот кластер на југозападна Македонија ЕДЕН.

Деновиве експертите на УНЕСКО вршат контрола на Охрид. Комитетот за светското наследство на 40-тата седница, која минатата година се одржа во Истанбул, изрази сериозна загриженост за иднината на регионот на Охрид, поради бројните инфраструктурни проекти кои беа предложени.