Два смртни случаи, 49 новозаразени со Ковид-19 во изминатите 24 часа

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека на Клиниката за инфективни болести во Скопје починал пациент на 73-годишна возраст од Прилеп кој бил примен на болнички третман на први април, додека на Клиниката за хематологија во Куманово починал пациент на 76-годишна возраст.

Во изминатите 24 часа се регистрирани нови 49 случаи на Ковид-19, односно по градови, 14 случаи има во Куманово, 13 во Скопје, осум случаи во Прилеп, по шест во Велес и Штип, и по еден случај во Гостивар и Кочани. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со вирусот се искачи на 760 лица.

Во изминатото деноноќие на Клиниката за инфективни болести во Скопје се примени тројца пациенти, додаваат од МЗ, а моментално се хоспитализирани вкупно 68 лица. Од нив 15 се на кислородна поддршка и осум на механичка вентилација.

„Во болницата ‘8-ми Септември’ се примени 8 нови пациенти, а вкупно се хоспитализирани 28 потврдени и сомнителни на коронавирус. Од нив 9 се со потешка клиничка слика, а 6 пациенти се на респираторна машина. Во болницата во Битола се хоспитализирани вкупно 5 пациенти, еден пациент повремено на кислородна поддршка, а другите стабилни. На домашно лекување преку оваа болница се следат 7 пациенти кои се во добра општа состојба“, информираат од МЗ.

Вкупно 13 пациенти потврдени и сомнителни на коронавирусот се хоспитализирани во болницата во Штип, а уште 13 се следат на домашно лекување. Како што соопштуваат од МЗ, состојбата на сите пациенти е стабилна, освен кај една пациентка кај која има влошување на состојбата.

Досега во земјата се направени вкупно 7.653 тестирања на Ковид-19, од кои 586 во изминатите 24 часа.