ДВ: Младина без работа и перспектива

Во Европа околу 7,5 милиони млади се без работа или образование. Ова произлегува од една нова студија. Досега ниту скапите европски програми за образование не сменија ништо, пишува „Дојче веле.“

Младина

Швајцарија има скоро осум милиони жители. Речиси исто толку млади луѓе во Европа ниту можат да најдат вработување, ниту се во процес на образование. До овој алармирачки резултат дојде студијата „Невработеноста меѓу младите во Европа“ која ја изработи Центарот за европски економски истражувањa по налог на фондацијата Роберт Бош. Повеќе од секој втор млад Шпанец во 2012 година останал без место за обука или работно место. Истото важи и за Грција.

Ингрид Хам раководител на фондацијата смета дека резултатите се алармирачки. „Се продуцира нешто како загубена генерација и експертите знаат дека вакви лузни на почетокот на професионалната кариера можат долго да траат и многу подоцна да имаат влијание кај луѓето“. Многу луѓе кои во младоста биле невработени, подоцна воопшто неможеле вистински да фатат чекор.

Причините се во структурата

За високата невработеност меѓу младите има многу причини, кои не се резултат на конјунктурната криза. „Невработеноста кај младите не е нов туку структурен проблем: тоа го имаше уште пред десет години“, нагласува експертот за пазарот на трудот од Центарот за европски економски истражување Холгер Бонин.

Земјите како Италија, Грција, Шпанија и Португалија секогаш биле погодени. Според студијата причините биле во високата квота на млади кои го прекинуваат образованието, во системот за образование кој не се ориентира на барањата на работниот пазар и многу конфликти меѓу работодавците и синдикатите.

Академски образовани луѓе возат такси

Луѓето кои почнуваат да работат не се доволно квалификувани, поради што се зголемува ризикот од невработеност. „Овие системи за образование се далеку од потребите на претпријатијата и тоа е голема опасност“, вели Бонин. „Тие продуцираат академски образовани луѓе, а немаат работа за нив“. Во некои случаи доаѓа и до вработување под нивните квалификации, но и тоа има последици кога „академски образовани лица мораат да возат такси.“

Научниците исто така ги критикуваат регулациите на пазарот на трудот поради што во многу јужноевропски земји дојде до поделба на работниот пазар. Додека оние кои имаат вработување профитираат од силната заштита од отказ, оние што почнуваат да работат честопати добиваат само ограничено вработување. Затоа тие и најмногу ги чувствуваат стопанските турбуленции. Младите во последните години биле „тампон зона“ при намалувањето на работните места поради рецесијата, пишуваат авторите на студијата.

Образование во фирмите по германски пример

Во Шпанија, Италија и Португалија повеќе од половината работоспособни под 25 години 2012 година имале само ограничен работен договор. Од оние над 40 години таков договор имал помалку од секој петти. Во Шпанија веќе се спроведуваат првите мерки за олабавување на заштитата од доделување отказ, додека во Италија и Португалија пропаднаа ваквите обиди, опоменуваат експертите.

Во Шпанија во меѓувреме се формираат и центри за дуално образование во училишта и фирми. Како пример служи германскиот систем. Рајнер Сонтовски, државен секретар во министерството за економија смета дека Германија има обврска да ги „советува“ европските соседи при спроведувањето на реформите на работниот пазар. Тој меѓутоа предупредува да не се преценат политичките можности за делување. Исто така и германските претпријатија би морале да сторат повеќе за квалификација на младите луѓе во јужна Европа. Добавувачот на резервни делови за автомобили „Бош“ годинава има намера да понуди дополнителни 100 места за обука за младите во јужна Европа, од нив 50 за кандидати од Шпанија.

Целиот текст прочитајте го на  Дојче Веле.