„Дуке и пријателите“ – концерт во Метрополис арена на 20 февруари

Композиторот, пијанист и продуцент Дуке Бојаџиев на 20 февруари ќе одржи концерт во Метрополис арена, насловен „Дуке и пријателите“.

Како што најавуваат од Авалон продукција, ова ќе биде најголем концерт во досегашната кариера на Бојаџиев кој ќе настапи со неговите пријатели и соработници: пејачките Каролина Гочева и Тања Царовска, актерот Никола Ристановски, кларинетистот Исмаил Лумановски и перкусионистот Матијас Кунзли – сите придружувани од камерен оркестар.

Дуке Бојаџиев долго време живее и твори во центарот на светската култура, Њујорк, меѓутоа своите најнови проекти континуирано ги промовира и пред домашната музичка сцена, пред својата публика. Автор е на филмска, електронска и акустична музика со западноевропски музички израз и стил во која може да се почувствува духот на македонската традиција.

Соработувал со оскаровците Џонатан Деми и Данис Тановиќ, како и со македонскиот режисер Столе Попов за неговиот последен филм „До балчак“. Музиката на Дуке е користена за светски кампањи на познатите брендови „Пежо“, „Ланком“ и „Лореал“, но и на разни светски музички компилации како „Буда Бар“ и „Маракеш Експрес“.