Дуке Бојаџиев ќе свири за децата во Детската клиника

Македонскиот композитор, продуцент и пијанист кој петнаесетина годинии живее и работи во САД, Дуке Бојаџиев, утре ќе биде гостин во Детската клиника во Скопје.

Таму ќе настапи заедно со Тања Царовска – вокал и Владимир Крстев – виолина, состав со кој настапи годинава во Рим и на концертите летово во Битола и Охрид.

Тој вели дека огромно задоволство му претставува тоа што ќе биде гостин на Детската клиника и очекува многу забава и насмевки на лицата на дечињата. Идејата за овој ангажман, додава дека се родила при средбата со претседателското семејство, летово во Охрид. Според Бојаџиев, музикотерапијата е составен дел на речиси сите врвни медицински установи во светот.

„Таа има се поголема примена во модерната пракса во конвенционалната медицина, а резултатите на светските истражувања покажуваат многу позитивни промени кај пациентите. Затоа, како и за секој настап се подготвувам професионално и посветено“, вели тој.