Државни натпревари по македонски јазик за основци и средношколци

Во организација на Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература на РМ,  на 10 и 17 мај ќе се одржат државните  натпревари по македонски јазик и литература за учениците од основното и за средното образование.

Државни натпревари по македонски јазик за основци и средношколци

Право на учество на овие натпревари имаат сите ученици од осмо одделение, како и тие од трета година средно образование, коишто следат настава на македонски јазик или на еден од јазиците на заедниците во земјава. На 25 април, во осум региони на Македонија беа одржани општинските натпревари за основното образование, каде учествуваа вкупно 104 ученици. Учениците што освоија над 80 поени, се стекнаа со правото да учествуваат на 37-тиот државен натпревар по предметот македонски јазик за основното образование, што ќе се одржи на 17 мај во Просениково, Струмица. Државниот натпревар пак за средношколците кој се организира по 26-ти пат ќе се одржи на 10 мај во Делчево.

Во рамките на натпреварите за средното образование, а во соработка со Општина Радовиш, Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература традиционално го распишува и конкурсот „Ацо Караманов“, на којшто учениците се натпреваруваат со есеи од областа на македонскиот јазик и на македонската литература. Оваа годинана Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература на РМ одбележува и значаен јубилеј – 60 години од своето формирање и од излегувањето на првиот број на списанието „Литературен збор“.