Државен студентски дом: Екипи работат на поправка на срушениот плафон

Вработените од студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје интервенираат во тоалетите каде синоќа доцна падна плафонот. На студентите, пак, чии соби беа целосно оштетени им е понудено друго сместување, информираат од Државниот студентски дом.

„Од утрово ангажирани екипи веќе работат на санација на плафоните во двата тоалета и во текот на денот истите ќе бидат санирани и ставени во функција“, се вели во соопштението.

Се срушил плафон од тоалет во „Стив Наумов“

Паднатиот плафон предизвика дополнителна материјална штета на санитарната опрема во тоалетите, но во инцидентот немало повредени, информираат од центарот. Настанот се случил околу 2 часот по полноќ, по што студенти споделија видео на социјалните мрежи од случката.

„Оттаму тврдат дека тоа е последица од неквалитетната реконструкција на тоалетите во домот.

Раководство на Државниот студентски дом ќе ја разгледа документацијата за извршената преадаптација на тоалетите во студентскиот дом „Стив Наумов“ односно ќе разгледа кој ја одобрил и на што се должи нискиот квалитет со кој е изведена.

Инаку, со помош на Германската влада, Државниот студентски дом веќе најави реконструкција на сите студентски домови по приоритетна листа. За оваа намена Министерството за образование и наука веќе има издвоено 30 милиони денари. Државниот студентски дом продолжува посветено да работи за обезбедување подобри услови за студентите.