Државен натпревар по класични јазици за средношколците

Во организација на здружението Антика и Институтот за класични студии при Философскиот факултет во Скопје, на 17. мај ќе се одржи 43-тиот Државен натпревар по класични јазици за учениците од гимназиите и средните училишта од Република Македонија.

Државен натпревар по класични јазици за средношколци

Натпреварот ќе се одржи во просториите на Философскиот факултет во Скопје со почеток во 10.30 часот, а на него учествуваат ученици од средните училишта од цела Македонија. Присутните ќе натпреваруваат во три категории според степенот на изучување на јазикот и според струката: почетно и продолжително ниво за гимназија и здравствена струка.

Натпреварите финансиски ги поддржува Философскиот факултет,  а во организацијатата активно учество земаат и студентите од Институтот за класични студии. За време на натпреварите натпреварувачите ќе можат да се запознаат со студиската програма и со активностите на Институтот за класични студии и на Философскиот факултет. Исто така ќе биде одржана и промоција на броевите 22 и 23 на електронското списание Systasis што ќе ја направи проф. М Бузалковска Алексова.

За време на натпреварите здружението Антика вообичаено го одржува своето Годишно собрание. Формирано во 2001 година, Антика е здружение на професионалци и студенти кои се занимаваат со истражување, унапредување на образованието и наставата по класичните јазици и литература, преведување на дела од класичните автори, негување на античкото наследство во Република Македонија и популаризација на класичната филологија. Од 2004 година здружението е член на Европската асоцијација за класични јазици и цивилизации ЕВРОКЛАСИКА (EUROCLASSICA), која претставува федерација на национални здруженија на професори по класичните јазици од европските земји.