Дрвјата исечени, просторот ограден – се гради споменикот на Мајка Тереза

Откако пред неколку дена во ноќните часови беа исечени последните костени на плоштадот „Македонија“, започнаа активностите за изградба на спомен – обележјето на Мајка Тереза, јавува Билд.

Споменикот ќе има висина од дури 32 метри, а од Министерството за култура е именувано како „објект со скулптурална композиција“. По сечењето на дрвјата, на просторот со површина од 621 метри квадратни се одвиваат подготвителни работи пред почетокот на изградбата на објектот. Поставени се дополнителни безбедносни камери, а како алтернативна рута за движење, за пешаците е ослободен мал простор на Кејот помеѓу Панорамското тркало и новата Градска куќа.

Проектот во следните 18 месеци ќе го работи скопски „Бетон“, кој за реализација на „објектот со скулптурална композиција“ од Министерството за култура доби околу 5,6 милиони евра. Идејното решение за споменикот, кое останува недостапно за јавноста, е изработено од Валентина Стефановска и Кирил Мукаетов, најпознати по својот придонес во проектот „Скопје 2014“.