Традициналните годишни награди на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) за 2023 година беа соопштени на денешната прес-конференција, а ќе им бидат доделени на добитниците на свеченоста која ќе се одржи во среда, 18 септември во 19 часот во главната сала во Друштвото на писателите на Македонија.
Добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга е романот „Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски, во издание на „Матица“. Оваа награда беше доделена од жири-комисијата составена од Гордана Јовиќ-Стојковска, Оливера Ќорвезироска и Стефан Марковски.
Наградата „Ацо Шопов“ за најдобра збирка поезија му припадна на делото „Коњски житија“ од Зоран Анчевски, во издание на „Арс Ламина“. За наградата „Ацо Шопов“ одлучуваше жирито во состав Елена Пренџова, Снежана Стојчевска и Зоран Јакимоски.
Делото „Земјата на заборавените сказни“ од Билјана С. Црвенковска во издание на „Чудна шума“ е добитник на наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади. Ова дело е напишано според идеја на Симон Трпчески и Црвенковска, а е илустрирано од Оливер Коларевски. За наградата „Ванчо Николески“ одлучуваше комисијата составена од Сузана Мицева, Наум Попески и Стево Симски.
Додека пак, наградата „Димитар Митрев“ за 2023 година ја добива книгата „Птици во аквариум: надреализам, 1924-2024“, од Лидија Капушевска-Дракулевска и Влада Урошевиќ, во издание на „Полица“. Наградата „Димитар Митрев“ ја додели жири-комисија во состав Иван Додовски, Соња Стојменска-Елзесер и Елизабета Бандиловска.
„Поради недоволен број пристигнати конкуренти (пристигнати се две дела, а потребно е да има најмалку три дела во конкуренција за која било од годишните награди на ДПМ да се додели), оваа година нема да биде доделена наградата ‘Мост’, со која се одликува дело напишано на јазик на некоја од националностите во Македонија“, информираат од ДПМ.
Оттаму потенцираа и дека жири-комисиите биле избрани од страна на Управниот одбор со анонимно номинирање и бодување, а на крај избраните состави на тричлените жири-комисии им биле познати само на претседателот на ДПМ и на двајца членови од Управниот одбор, кои ги верификувале гласовите на сите членови на УО на ДПМ.
„При утврдувањето на финалните состави на жири-комисиите, седум од првоизбраните членови, поради други ангажмани, не прифатија да бидат дел од жиријата, поради што биле кооптирани други номинирани членови. Согласно со Статутот на ДПМ, само активните членови во Друштвото имаат право да бидат дел од жири-комисиите за доделување на годишните награди на ДПМ“, додаваат тие.