Донесени протоколите за работа на музеи и галерии, се дозволува одржување спортски натпревари без публика

Владата на Република Северна Македонија на денешната 73-та седница донесе повеќе протоколи  и одлука за престанок на забраната за одржување спортски натпревари и дозволи тие да се одржуваат, но без публика.

„На денешната седница Владата донесе одлука за престанок на важењето на забраната за одржување спортски натпревари во колективните спортови и ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести федерациите да го отпочнат организирањето спортски настани со стриктно почитување на упатствата за натпревари без публика и на другите препораки кои се однесуваат на запазување на здравствената безбедност на играчите и останатите вклучени во натпреварите“, се наведува во денешното соопштение.

На истата седница се донесени Протоколот за работа на музеи, галерии и изложбени простори, Протоколот за спроведување на мерки за заштита од КОВИД-19 при организација на настани, промотори, рентал компании, видео и аудио продукции и техничка поддршка на овие настани, Протоколот за упис на ученици во јавните ученички домови во учебната 2020/2021 година, Протоколот за работа на танцовите и балетските клубови, Протоколот за вршење на меѓуградски превоз, како и Препораки и упатства за спречување на ширење на КОВИД-19, при влез на македонски и странски државјани во Република Северна Македонија.

На денешната седница на Владата ја донесе Одлуката за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија заради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Северна Македонија. Постоењето на кризната состојба утврдена со оваа одлука ќе трае 30 дена од денот на нејзиното влегување во сила, односно од 2 јули, а со тоа се активира и Главниот штаб при Центарот за управување со кризи кој ќе биде во постојано заседавање.

На оваа своја седница Владата го усвои Акцискиот план за проектот „Бесплатна вакцинација против грип за ризични групи“ за сезоната 2020/2021, според кој бројот на лица што ќе бидат опфатени со оваа бесплатна четиритипна вакцина против сезонски грип од 20.000, се зголемува на 60 илјади граѓани од следните ризични групи: возрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и деца на возраст од 6 месеци до 5 години.