Доналд Трамп е новиот претседател на САД

Доналд Трамп со победата во Висконсин го надмина прагот од 270 потребни електорски гласа и стана 45-иот претседател на Соединетите Американски Држави.

Според АП, се работи за изненадувачка победа на бизнисменот кој ги искористи економската неизвесност и расните тензии и ги надмина обвинувањата за сексуални напади на патот до Белата куќа.

Aнализата на „Њујорк тајмс“ покажува дека американскиот милјардер ја победи противкандидаткатаод Демократската партија, Хилари Клинтон и, освен Винконсин, ги освои потребните електорски гласови од сојузните држави Кентаки, Индијана, Западна Вирџинија, Оклахома, Тенеси, Мисисипи, Алабама, Јужна Каролина, Северна Дакота, Јужна Дакота, Вајоминг, Небраска, Канзас, Тексас, Арканзас, Луизијана, Монтана, Мисури, Охајо, Ајдахо, Северна Каролина, Небраска, Флорида, Џорџија, Ајова, Монтана, Јута, Аризона, Алјаска, Мичиген.

Поранешната државна секретарка Клинтон освои 219 електорски гласови од државите Вермонт, Илиноис, Њу Џерси, Масачусетс, Мериленд, Роуд Ајленд, Вашингтон ДЦ, Делавер, Њујорк, Конетикат, Њу Мексико, Вирџинија, Колорадо, Калифорнија, Хаваи, Орегон, Вашингтон, Невада, Мејн, Њу Хемпшир.

Кандидатите на изборниот ден тргнаа со практично еднакви шанси, но Клинтон имаше епитет на фаворит за време на целата кампања. Сепак, за време на изборната ноќ работите драстично се променија, објави Мета.

Во изборниот штаб на Хилари Клинтон за неколку часа ситуацијата драстично се промени, па сега владее шок и неверување, а во штабот на Доналд Трамп прославувањето почна уште пред тој официјално да биде прогласен за претседател.

Клинтон се надеваше дека ќе стане првата жена претседател на САД, но повеќе од половината од белците гласаа за републиканецот, додека 90 отсто од Афроамериканците и две-третини од Латиноамериканците гласаа за демократката.

Убедлива победа на Републиканската партија се очекува и на паралелните избори кои се водат за Конгресот и за Сенатот.