Документарниот филм за Вања Лазарова на фестивали во Италија и Америка

По проекцијата на овогодинешното издание на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ во Битола, документарниот филм за Вања Лазарова „Вања – со маки сум се родила“ ја почнува својата светска промоција.

„Деновиве добивме писмено известување и потвда дека овој наш документарец е влезен во селекција на програмата на фестивалите: Roma Cinema Doc во Италија како и All Seas Film Festival во Америка. Со оглед дека интензивно работиме на дистибуција на филмот за Вања по најголемите светски филмски фестивали во категорија за документарци, очекуваме наскоро покани и други слични вакви фестивали“, соопшти Филмската продукција Медиа Броадкастинг.

Во документарниот филм е преточено богатото музичко творештво на Вања Лазарова. За доајенот на македонската народна песна во филмот зборуваат нејзините блиски соработници. Како признание за нејзиниот допринес во областа на културата, Вања Лазарова лани ја доби и државната награда за животно дело „11 Октомври“.

Случајот со Вања Лазарова стана актуелен минатата година откако медиумите објавија дека и покрај светската слава таа живее во домот за стари лица „Милица“ со скромна пензија. Повеќе од десет илјади граѓани за неполни 24 часа тогаш се придружија на иницијативата на социјалните мрежи со поддршка на македонска певица да добие статус национален уметник и национална пензија. По силниот граѓански притисок, државата и додели пензија во износ од 35 илјади денари.