Документарец за серијалот „Back To The Future“ излегува во октомври

Документарен филм за култниот филмски серијал „Back To The Future“ ќе биде претставен во октомври, а во него ќе се најдат интервјуа со актерите Michael J. Fox, Christopher Lloyd и Lea Thompson, режисерот Robert Zemeckis, продуцентот Steven Spielberg и сценаристот Bob Gale, јавуваат американските медиуми.

Филмот ќе носи наслов „Back In Time“ и ќе се осврне на создавањето на класичната научно-фантастична трилогија, но и на бројните следбеници и фанови кои таа ги има денес. Музичарот Huey Lewis, чиј бенд ги изведе песните „The Power Of Love“ и „Back In Time“ во оригиналниот филм од 1985, исто така ќе се појави во документарецот.

Филмот ќе биде издаден од независниот дистрибутер, компанијата Gravitas, чиј претседател Nolan Gallagher изјави: „Култните документарци, како удари од молња, се случуваат ретко. Чест ни е што сме дел од митологијата на „Back To The Future“ и што помагаме овој филм да стигне до милионите фанови кои ја обожаваат трилогијата сиве овие години“.

„Како фанови на трилогијата и како филмаџии, ни беше екстремно важно овој документарец да го видат што е можно повеќе луѓе. Знаевме дека тимот на Gravitas ќе го направи овој сон – реалност“, вели режисерот на документарниот филм Jason Aron.

Триесеттата годишнина на оригиналниот филм „Back To The Future“ беше одбележана на 3 јули, кога комплетната екипа се собра во Лондон. Неодамна, режисерот Robert Zemeckis изјави дека римејк на „Back To The Future“ е биде можен само кога тој и сценаристот Bob Gale веќе нема да бидат живи.