Дојран на референдум за рудниците, 8,55% излезност до 10 часот

Дојранчани денеска гласаат со „За“ или „Против“ на двете референдумски прашања за продолжување со работа на рудникот „Казандол“ и отворање нови рудници на територијата на општината.

Првите информации од ОИК Дојран се дека сите избирачки места биле отворени навреме, а до 10 часот 234 лица го искористиле правото на глас, што претставува излесност од 8,55%.

За споредба, слична излезност до 10 часот имаше и на успешните референдуми во Гевгелија (нешто над 10%) и Богданци (9%).

Право на глас имаат 2.747 граѓани кои ќе имаат можност да се изјаснат на девет гласачки места. За референдумот во Дојран да биде успешен ќе треба да излезат најмалку 1.374 граѓани.

Набљудување на референдумот најавија и од невладината „Цивил“.

„Граѓанките и граѓаните ќе можат да пријавуваат нерегуларности на телефонските броеви: 078 746 138 и 075 389 698 и онлајн на веб страницата Слободни избори за пријава на изборни нерегуларности, преку порака на Фејсбук страницата Слободни избори или преку апликацијата Пријава на политички притисоци, мобинг и дискриминација“, се вели во нивното соопштение.

Референдумот беше распишан на барање на граѓаните кои стравуваат дека рудникот „Казандол“, но и потенцијалното отворање на рудникот „Башибоз“ на планината Беласица се еколошка закана по земјоделството, туризмот но и за Дојранското Езеро.

Дојран е трета општина од југоисточна Македонија која референдумски се изјаснува за прашањето на рудниците. Претходно успешни референдуми се одржаа во Гевгелија и во Богданци каде што жителите се изјаснија против отворање на рудници.

На 20-ти август референдум ќе се одржи и во Валандово, а потписи за распишување референдум беа собрани и од граѓаните на општините Босилово и Ново Село.