Доброто образование, здравство и вработувањето се приоритети на младите

Добро образование, можноста за вработување и развиено здравство се главните приоритети кои ги имаат младите, се вели во истражувањето на Обединетите Нации „My World 2015“. Овие области кои ги избрале 1422 млади луѓе од Македонија на возраст од 16-30 години беа дискутирани на денешната младинска конференција „Младинското учество и препораки за идната развојна агенда на Обединетите Нации“, организирана од младинската мрежа Y-PEER на Македонија.

Фондот за население на Обединетите Нации Македонија реализира регионалната кампања „Младински глас-Идинината која ја посакувам во Источна Европа и Централна Азија“. Таа е фокусирана на младинското учество во развојната агенда Пост-2015 на Обединетите Нации. Целта на проектот е овие приоритети на младите да бидат дел од следната развојна агенда на ОН во 2015. Ова според учесниците на конференцијата,  може да се направи само со учество на младите.

Стефан Маневски од „Центар за меѓукултурен дијалог“ смета дека младите слабо се запознаени со терминологијата за моделот на Обединетите Нации и токму поради тоа што им се чини сложено, младите се откажуваат уште од самиот почеток.

„Ние како младински организации не знаеме кои се нашите барања за развој на агендата. За да се постигне нешто треба да се тргне стравот, а тоа во овој случај е моделот на Обединетите Нации“, рече Маневски.

Според Ивана Давидовска, од Националниот младински совет најголем проблем со којшто се соочуваат младите е тоа што тие се уште не се прифатени како социјална категорија. Младите, забележа таа, се уште се соочуваат со најосновните проблеми од типот на пристап кон образованието, наместо да се насочат кон решавање на посложени проблеми.

Соња Таневска од Фондот за население на Обединетите Нации, вели дека потребно е да се поддржуваат и владиниот и невладиниот сектор во искажување на своите ставови. Таа им препорача на младите да го кренат својот глас на Народното собрание на Обединетите нации во 2015 година кога ќе треба да се одобрат следните развојни цели.

Од Агенцијата за млади и спорт пак соопштија дека е направена евалуација на досегашната Национална стратегија на млади која претставува важен момент за институциите кои работат со млади.

„ Додека институциите не седнат на заедничка маса да ги слушнат идеите на младите, не би можеле да се имплементираат политките кои ги засегаат“, рече Зорица Стаменковска од Агенцијата за млади и спорт.

Конференцијата беше дел од кампањата „Идеите ги споделувам гласно“ на мрежата Y-PEER која претходно вклучи 400 млади кои оставија пораки, а потоа се направи изложба од нив.