До каде се студентските избори на Битолски, Штипски и Тетовски универзитет?

Повеќе една година откако беше донесен новиот Закон за високо образование, конечно се случуваат студентски избори на дел од факултетите на битолскиот универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО). На штипскиот универзитет, Гоце Делчев (УГД) пак, се уште нема абер од изборот на студентски претставници. Три универзитети се во фокусот на проектот „Студентско (ре)формирање“ кој заеднички го работат Националниот младински сојуз на Македонија (НМСМ), заедно со повеќе локални организации. Ќе следат до каде се студентските избори на  УКЛО, УГД и државниот Универзитет во Тетово (УТ). Но, информацијата за тоа што се случува на УТ изостана, бидејќи нивни претставници не присуствуваа на денешниот настан за претставување на проектот во МладиХаб.

Студентите од УКЛО и УГД, заедно со повеќе младински претставници отворено говореа за проблемите со кои се соочуваат во пресрет на студентските избори. Појаснуваат дека со новиот Закон за високо образование беше наложена промена на статутите на универзитетите. Ова ја отвори можноста за распишување на студентски избори и формирање на идните факултетски и универзитетски собранија. Иако процесот започна на дел од факултетите, сепак оценуваат дека ситуацијата со студентското организирање е загрижувачка.

„Минатата недела веќе се одржаа избори за новото студентско собрание на факултетот за безбедност на Универзитетот „Климент Охридски“, вели Марија Костовска, која годинава се запиша на магистерски на УКЛО.

Присутните во МладиХаб како проблем го наведоа и тоа што голем дел од студентите не знаат каде да се обратат ако имаат некој проблем, не знаат кој им е студентски правобранител и дали воопшто го има. Посочија и дека формални студентски организации постојат само на хартија, но не ги исполнуваат барањата и потребите на студентите, додека пак неформални организации речиси и да нема.

„На Правниот факултет во Битола постои правна клиника која функционира како студентска организација која се грижи за правата и барањата на студентите и работи прилично солидно, но таа е водена од професорка, но неформални студентски организации водени од студентите нема“,вели Мартин Митевски, студент на Правниот факултет при УКЛО.

„Колку што јас знам нема никакви студентски организации водени од студентите на универзитетот во Штип. Ова го покажува и една анализа која неодамна ја направи  „Little Think“ во која стои дека до сега не се регистрирани вакви тела. Интерес кај младите за вакво организирање навистина постои, но до сега се е останато само како идеја“, вели Симона Јорданова, членка на Фондацијата за развој на локална заедница Штип. “.

Јорданова исто така дополнува дека на универзитетот во Штип студентите при упис на семестарот плаќаат за студентски правобранител, а тој во реалноста не постои.

Како што истакна Зоран Иванов, програмски координатор на Фондацијата за равој на локалната заедница – Штип и координатор на проектот „Студенстко (ре)формирање“ проектот во претстојниот период активно ќе ги следи студентските избори за собранија на факултетите, како поттик на студентите за активно учество во студентското организирање.

„Очекувањата кои ги имаме зацртано и е во план да се реализираат во наредните неколку месеци вклучуваат поголемо информирање на студентите за новиот статут и новиот модел на избирање студентски претставници, зголемено учество на студентите во активностите на факултетите како и поголема одговорност од студентските претставници“, објасни Иванов.

Георги Божиновски