Дискусија во „Дуња“: Нов Закон за високо образование – автономија или централизирана моќ  

Социјалниот центар „Дуња“ на 13 ноември (понеделник) од 18 часот организира отворена дискусија на тема „Нов Закон за високо образование – автономија или централизирана моќ“.

Во дискусијата ќе учествуваат претставници од работната група на Професорски пленум за изготвување на нацрт-текст на нов Закон за високо образование, Маја Стевановиќ, редовен професор на Факултет за драмска уметност, потоа Мира Бекар, доцент на Филолошки факултет „Блаже Конески“ и Стефан Дојчиноски, студент на Правен факултет „Јустинијан Први“. По излагањата на учесниците, следи отворена дискусија.

„Изминаа две турбулентни години откако илјадници студенти и професори гласно го изразија својoт револт против експерименталните обиди на власта за воспоставување целосна контрола над Универзитетот и трансформација на високото образование во поле од кое ќе никнуваат послушни поданици на политиките на власта, наместо независни критички субјекти на секоја власт. Ова резултираше со повлекување на тогашната влада од примена на измените на Законот за високо образование кои ја укинуваа академската автономија и создавање на трипартитна работна група на УКИМ (претставници од Студентски пленум, Професорски пленум и професори назначени од тогашниот ректор Велимир Стојковски), која влезе во преговори со тогашната Влада за изработка на нов Закон за високо образование. Оваа работна група на УКИМ усвои заеднички Концепт кој претставуваше основа на новиот Закон за високо образование“, стои во најавата за дискусијата.

После две години работа, Професорскиот пленум изминатиот месец објави дека е финализиран нацрт – текстот за нов Закон за високо образование кој се води од принципите за универзитетска автономија, одговорност и отчетност и дека истиот ќе биде доставен до Министерството за образование и наука.

„Иако овој предлог беше доставен до Ректорот на УКИМ, тој одлучи да го бојкотира истиот и УКИМ да произлезе со свој нацрт – текст за нов Закон за високо образование. Дел од академската јавност веќе се произнесе со свои забелешки дека во овој предлог на Ректорот автономијата на Универзитетот и неговите единици не е заштитена и постои реална опасност истата повторно да биде загрозена и узурпирана преку дополнително централизирање на (и онака централизираниот) Универзитет. Како да се заштити автономијата на Универзитетот и неговите единици, нелегитимноста на СПУКМ и потребите за суштински промени во начинот на студентско организирање, каде се разминуваат предлозите на Професоркиот пленум и на Ректорот се само дел од темите кои ќе ги елаборираат нашите учесници“, се вели во најавата за настанот.