Дискусии што значат – Како средношколците гледаат на човековите права

Младински образовен форум со поддршка на Амбасадата на Кралството Холандија организираше три училишни дискусии со над 100 средношколци, посветени на човековите права.

Во рамки на „Discussions that matter“ (Дискусии што значат) во фокус беа различни теми со средношколци во Скопје, Тетово и Битола.

На настанот во Скопје на 30 мај во СУГС „Шаип Јусуф“ се одржа дискусија на тема: „Како младите можат да придонесат за намалување на говорот на омраза онлајн?“, на која говорник беше Вилдан Дрпљанин од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Како одговор на прашањето, тој смета дека: „Младите луѓе во државата се едни од најчестите споделувачи, но истовремено и жртви, на говорот на омраза. Единствениот начин на кој што оваа посебно ранлива група може да се избори со таквиот феномен е преку постојана едукација за причините што го предизвикуваат говорот на омраза и последиците кои што ваквиот говор неизбежно ги раѓа. Со нивно оспособување да го воочат и разликуваат говорот на омраза од слободата на изразување, тие директно придонесуваат во намалувањето на неговото ширење во виртуелниот и реалниот свет“.

Мартина Ристевска – Златевска, долгогодишен член на МОФ, говореше на дискусијата во битолското СОУ „Таки Даскало“, одржана на 5 јуни на тема „Дали младите се способни да препознаат дискриминација?“.

Таа вели дека иако младите имаат познавање за основите на дискриминацијата, сепак, сè уште треба да се работи со нив, со цел тие да бидат охрабрени да ја пријавуваат дискриминацијата. Понатаму, таа потенцира дека од голема важност е младите да бидат информирани за сите механизми на заштита кои им стојат на располагање за да можат активно да гикористат во борбата против дискриминацијата.

Рита Бехадини од Feminist Club при ШТУЛ, на 5 јуни 2019 беше говорник на „Како младите се борат за нивните права?“, дискусија со средношколците од ССОУ „Моша Пијаде“ во Тетово.

За темата таа изјави: „Секогаш е неопходно да се разговара со младите за нивните права, особено со средношколците. Тие треба да се запознаат со средствата и начинот на кои треба да се борат против потенцијалните неправди. Денешниот настан и дискусијата беа навистина дискусии што се важни.“

Целта на „Discussions that matter“ е да се поттикне критичкото размислување кај средношколците, но и да ги мотивира средношколците да ја разберат важноста на почитувањето на човековите права, но и да се борат за заштита на нивните права.

Младински образовен форум е младинска заедница која создава простор за дебата, слободно изразување и младинско организирање, охрабрува активизам, ги штити и унапредува младинските права и политики.

МОФ ги остварува своите цели преку информирање, едукација, дискусија, соработка и преку мотивирање и поддршка на младите. Активностите на организацијата се реализираат преку четири програми: дебатната програма, учиме право програмата, програмата за истражување, анализа и креирање младински и образовни политики и програмата за младински активизам. Во рамките на организацијата функционира и првото младинско интернет радио во Македонија, Радио МОФ (www.radiomof.mk).