Директорот на „Водовод“: Водата е со одличен квалитет, земјотресот не ја наруши мрежата 

Нема потреба за некаков страв или паника меѓу граѓаните. Тоа е неосновано. Водата за пиење е со одличен квалитет, не постои проблем поврзан со земјотресите, вели за Радио МОФ директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Александар Атанасов.

По вчерашните и денешните земјотреси, кај дел од граѓаните се појави сомнеж за исправноста на водоводната мрежа. Низ социјалните мрежи се појавија и видео и фотографии, наводно снимани на селската чешма во Студеничани, каде се забележува црвено-кафеава вода.

Сепак, Атанасов тврди дека екипи на претпријатието редовно вршат испитувања на квалитетот на водата од водоводниот систем, па нема регистрирано никакви нарушувања на мрежата. Такво нешто, вели тој, единствено е можно во случај да стресе земјотес над 7.5 степени според Рихтер.

„Но, и во тој случај може, а не мора да значи дека би се нарушила водоводната мрежа. Скопје има чиста и питка вода, која ја анализираме на дневна основа“, тврди Атанасов.