Директорот на Амазон побарал вработените да доаѓаат во канцеларија три дена во неделата или да си бараат друга работа

Извршниот директор на Амазон, Енди Џеси, им рекол на вработените дека нема да можат да продолжат да работат за компанијата доколку не доаѓаат три дена во неделата во канцеларија.

Тој ова им го соопштил на состанок на кој ја искажал фрустрацијата од тоа што дел од вработените не го почитувале ова официјално правило на компанијата и продолжувале постојано да работат од дома.

„Доколку не можете да се посветите на ова, и покрај вашето противење, веројатно тоа нема да може да функционира на тој начин за вас во Амазон, бидејќи ние мораме да се враќаме во канцелариите најмалку три дена во неделата“, им кажал Џеси на вработените, пренесе Гардијан.

Амазон им наложи на вработените да се враќаат во канцелариите барем три пати во текот на работната недела почнувајќи од мај, откако претходните политики на компанијата им даваа можност на вработените да одлучат дали сакаат да работат од дома или од нивните работни места. Преку соопштение на блогот на компанијата, Џеси тогаш напомена дека водечките луѓе во Амазон одлучиле дека доколку вработените се заедно во канцеларија тоа ќе биде подобро за работната култура и полесно и поефективно ќе се учи и соработува.

Состанокот со вработените доаѓа во период кога Амазон соопшти дека ќе отпушти дополнителни 9.000 вработени, покрај претходно најавените 18.000 откази.

Речиси 30.000 вработени во Амазон потпишаа петиција против враќањето на работните места во мај.

„Униформната политика на Амазон за враќање на работа е спротивставена на иднината на право на избор за која се стремиме“, беше напишано во петицијата.

Вработените во Амазон исто така организираа и штрајк заедно со група активисти кои се залагаат за работа на далечина. Овој штрајк беше протест против бавниот прогрес на компанијата за зададените климатски цели, како и за политиката за враќање на работните места.