Факултетот за драмски уметности од Скопје во соработка со Македонскиот народен театар, на 26-ти и 27-ми март ќе одржи премиера на дипломската претстава „Голем студ“.
Претставата е по сценариото за филмот „The big chill“ од Лоренс Каздан и Барбара Бенедек, а ќе се одигра во две постави на Малата сцена на МНТ со почеток во 19 часот.
„Преводот на насловот е проблематичен, зашто самиот наслов во себе носи повеќезначност, која може да биде ‘прочитана’ и донекаде разјаснета само во контекстот на времето во кое се одвива дејството. Речиси секаде каде што се зборува за овој филм, излезен во 1983 година, се цитира дообјаснувањето на авторот и режисер на филмот Лоренс Каздан, врзано токму со алузиите кои ги отвора самиот наслов, не докрај јасен дури и за американскиот аудиториум. ‘Голем студ’ се занимава со членовите на мојата генерација кои откриле дека не сè што посакувале е возможно, дека не секој идеал во кој верувале останал во првите редови на нивните намери“, стои во најавата за претставата. ‘Голем студ’ е за процесот на оладување кој е карактеристичен за луѓето од секоја генерација, кога се движат од надворешно-насочената, повеќе идеалистичка, загриженост на нивната младост до еден вид на само-апсорпција, сопствен интерес, што ги става личните желби над оние на општеството, па дури и – на еден идеал“, стои меѓу другото во најавата за претставата.
„Голем студ“ ја судира новата генерација драмски актери со голем предизвик и тешка актерска задача – низ еден реалистичен пристап, во ритам препознатлив за филмскиот јазик и со леснотија во играта, да се обиде да ја раскаже оваа сложена драмска приказна.
„Голем студ“ е дипломска претстава на студентите од одделот Драмски актери во класата на Зоја Бузалковска и Александар Степанулески. Класата ја сочинуваат: Сара Анастасовска, Сергеј Димовски, Григор Јовановски, Исидор Јованоски, Чедомир Митевски, Зоран Митровиќ, Душица Настова, Јаков Спасов, Петар Стојанов, Душица Тренева и Христина Цветаноска.