ДИК со седница од 11 часот ќе ги разгледува и одлучува по приговорите за изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска со почеток во 11 часот во големата сала ќе одржи јавна седница, на која треба да одлучува по поднесените приговори на СДСМ и Беса за текот на гласањето и броењето на гласовите.

„Единствена точка на дневен ред ќе биде разгледувањето и одлучувањето по приговорите поднесени од подносителите на листи на кандидати за пратеници во Собранието, а кои се однесуваат на постапката за гласање и на постапката за сумирање и за утврдување на резултатите“, стои во соопштението на ДИК.

По осум приговори од СДСМ и движењето Беса беа поднесени завчера (13 декември), па ДИК има рок од 48 часа, односно до вечер до 19 часот да се произнесе по забелешките на партиите.

Приговорите на Беса се однесуваат на општините Арачиново, Тетово, Гази Баба и Липково, додека оние на СДСМ за избирачки места во шестата изборна единица.

Ваквите приговори доаѓаат откако во понеделникот ДИК ги соопшти првичните резултати, според кои ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата има 51 мандат, СДСМ со коалицијата 49 пратеници, ДУИ 10, БЕСА 5, Алијанса за Албанците 3, а ДПА – 2 пратеници.

Од СДСМ рекоа дека доколку нивни забелешки (приговори) бидат прифатени од ДИК, резултатот од изборите ќе биде поинаков. Односно, како што тврдат, во тој случај бројот на пратенички места би бил 50 – 50. И Беса сметаат дека доколку нивните приговори бидат прифатени, тие ќе добијат еднo или две пратенички места повеќе на сметка на ДУИ и на ВМРО – ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, приговорите ги окарактеризира како апсурдни, а изборните резултати „кристално чисти“, па сметаат дека нивната партија треба да формира влада.

Инаку, според Изборниот законик, ДИК има можност со решение да го поништи  гласањето на одредени избирачки места, а против решението може да се поднесе жалба до Управниот суд, во рок од 24 часа по неговиот прием. По поднесување жалба против евентуално решение од ДИК, во рок од 72 часа, Управниот суд е должен да постапи по таа жалба. Повторното гласање на одредено избирачко место би се одржало по точно две недели (25 декември), односно 14 дена од денот на првото гласање (11 декември).