Парламентарни избори 2020: Излезноста до 15 часот е 31.78 отсто, полицијата постапува по неколку пријави

До 15 часот, од вкупно 3.435 избирачки места каде досега се обработени податоците, на гласање излегле вкупно 576.576 граѓани, односно, 31.78 отсто од гласачите, ова го соопшти на прес-конференција портпаролот на Државната изборна комисија (ДИК) Адмир Шабани.

Најголема излезност има во изборната единица три каде гласале 37.24%, а најмала излезност има во изборната единица шест, односно, 22.85%.

Како што посочи Шабани, во изборната единица еден гласале 34.51%, во изборната единица два 29.96%, во изборната единица четири 35.56% и во изборната единица пет 31.51 отсто.

Во изборната единица еден, ја издвојувам општината Кисела Вода со 36.77%, општината Карпош 38.4%, и општината Центар со 38.82%. Во изборната единица два, општина која што се издвојува по излезеноста до 15 часот е општината Ѓорче Петров каде одзивот на гласачи е 36.74% и општината Бутел каде излезеноста на гласачи е 34.54%. Во изборната единица три, каде вкупната излезеност е 37.3 % ја издвојувам општината Берово со 41.09%, општината Градско со 37.62%, општината Лозово 42.46% и општината Пробиштип со 44.32%.

Во изборната единица четири, ја издвојувам општината Гевгелија со 44.01%, општината Неготино со 41.5% и општината Демир Капија со 42.52%. Во изборната единица пет каде вкупно гласале 31.51%, ја издвојувам општината Вевчани со 49.22% излезеност, општината Крушево 47.02% и општината Дебарца со 36.07%. Во изборната единица шест, ја издвојувам општината Гостивар со 23.65%, општината тетово 26.17%, и општината Јегуновце со 25.21%“, изјави Шабани.

Министерството за внатрешни работи претходно информираше дека биле пријавени настани во врска со изборниот процес, односно, за случаи на агитирање, носење гласачи на гласање, испишани графити на избирачки места, и неколку пријави за наводно нудење пари за глас. Оттаму посочија дека постапуваат по добиените пријави.

Од граѓанската асоцијација „Мост“ која го следи изборниот процес со свои набљудувачи, пак информираа дека на гласачките места кои се покриени од асоцијацијата до 15 часот не се забележани неправилности.

Денеска во земјава право на глас имаат 1 814 263 гласачи кои можат да гласаат на 3 480 избирачки места, за кандидатските листи на 15 коалиции и партии. Гласањето кое почна во седум часот, ќе трае до 21 часот.