Дигитален мост помеѓу Литванија и Полска – уметничка инсталација го преиспитува значењето на единството

Во Вилнус, главниот град на Литванија, од неодамна минувачите можат да „ѕирнат“ што се случува во друг град во Полска, во реално време преку „портал“.

Градските власти поставија кружен „портал“ во близина на железничката станица што се поврзува со „портал“ во Љублин, Полска, оддалечен околу 600 километри.


„Порталите“ имаат големи екрани и камери што емитуваат снимки во живо меѓу двата града – еден вид дигитален мост, според нивните творци. Идејата е да ги охрабрат луѓето „да го преиспитаат значењето на единството“.

„Човештвото се соочува со многу потенцијално смртоносни предизвици, било да е тоа социјална поларизација, климатски промени или економски проблеми. Меѓутоа, ако погледнеме внимателно, не е недостатокот на брилијантни научници, активисти, лидери, знаење или технологија што ги предизвикува овие предизвици. Тоа е племенството, недостатокот на емпатија и тесна перцепција на светот, што честопати е ограничено на нашите национални граници “, вели Бенедикташ Гилис, иницијатор на идејата за „порталот“.

Тој вели дека проектот е „мост што обединува и покана да се надминат предрасудите и несогласувањата што припаѓаат на минатото“.

„Порталот“ е дело на инженери во Центарот за креативност и иновации на Техничкиот универзитет во Вилнус. Биле потребни пет години за да се изработи, а авторите најавуваат планови за додавање слични инсталации во уште неколку градови во иднина.