Детските списанија ги нема во училиштата, издавачките куќи закочени од МОН

Ќе стигне ли на време одобрението од Министерството за образование и наука за дистрибуција на детските списанија – со месеци се прашуваат издавачите. Тие веќе ги подготвиле концептите за новите броеви што треба да излезат од септември. Сега чекаат зелено светло од надлежните, откако ланските броеви не стигнаа до училиштата токму поради овој пропуст.

„Процедурата е во тек“, е одговорот што најчесто го добивале „Просветно дело“ од Бирото за развој. Но, дур течела процедурата, поминала и учебната година. Една од уредничките на списанијата, Ксенија Маказлиева Трајчева, вели дека такви одобренија се бараат кога се менуваат наставните програми, како што беше случајот со воведувањето на Кембриџ програмата и на природните науки во основното образование. Сепак, Бирото инсистирало секоја година издавачките куќи да поднесуваат барање, бидејќи одобрението се однесувало само за една учебна година.

„Ние ја запазуваме таа процедура. Како ќе ја завршиме учебната година, доставуваме броеви поторно за одобрување, за тие да оценат дали списанијата се по наставната прогама, дали ги задоволуваат сите критериуми и барања. Последниве две-три години, за првпат после 70 години постоење на списанијата, се јавува проблем и процедурата премногу долго трае“, забележува Маказлиева Трајчева.

Таа објаснува дека во јули минатата година доставиле броеви, по што првиот одговор на Министерството следувал на крајот од август, со одредени забелешки за технички измени. Откако ги направиле промените, броевите ги дале на одобрување во септември, за следниот одговор да следи дури во декември. Тогаш им биле побарани три последователни пилот броеви од „Росица“, „Другарче“, „Развигор“ и од „Наш свет“ со концепт за списанијата. Постапиле и по ова барање, со тоа што до крајот на јануари ги доставиле тие три пилот броеви до Министерството.

„Од тогаш до ден денес, немаме добиено никакво известување, никаков одговор“, вели Маказлиева Трајчева.

На нивниот апел се приклучиле и писатели за деца и истакнати стручњаци од областа на основното образование, кои доставиле писмо до МОН, укажувајќи на потребата од ваков вид списанија. Дополнително, „Просветно дело“ организираше и трибина за значајноста на списанијата во образовниот систем. Но, и покрај ова, тие не добиле никаков одговор од Министерството.

Согласност за употреба на списанијата во училиштата официјално дава Министерството, но со претходна препорака на Бирото за развој. За секое списание се разгледува дали неговите содржини се усогласени со наставната програма, како и со возраста на учениците.

Според Бранка Бугариска, уредничка на списанијата ЛИБИ“ и „Мини ЛИБИ“, во издаваштво на „Арс ламина“, тие ја надополнуваат наставата, ја олеснуваат и ја освежуваат. Нивните списанија се однесуваат за ученици од прво до трето и од четврто до шестто одделение.

„Списанијата се креирани така што претставуваат дополнителен извор на знаења за учениците и корисен дополнителен ресурс за наставниците, по сите предмети што се изучуваат во овие одделенија. Тие ги прошируваат и продлабочуваат знаењата на учениците по соодветните предмети, им даваат можност дополнително да истражуваат и да ги развиваат своите научно-истражувачки вештини, да ги изразуваат и своите ставови и вредности, да ја развиваат креативноста, логичкото мислење, ликовното и музичкото изразување итн. -имајќи притоа во рацете не само едукативен, туку и модерен, забавен магазин, кој одговара на афинитетите и вкусот на денешните генерации на ученици и деца“, смета Бугариска.

Но, ниту овие списанија не стигнаа до својата читателска публика поради недобивање на одобрение од Министерството. Бугариска смета дека овие списанија се исклучително важни, особено бидејќи се прилагодени на модерната генерација.

Од „Арс ламина“ нашле дополнителен начин за нивните списанија да бидат достапни, со тоа што може да се најдат и во киосците, маркетите и книжарниците.

„Денешните генерации сè повеќе ги користат технологијата и интернетот како извор на дополнителни знаења и на забава. Но тоа не значи дека тие не сакаат „хартија“, туку дека не сакаат застарен „производ“. Тие не го сакаат истото списание од времето на нивните родители, туку списание што е наменето за нив. Затоа решивме да понудиме еден нов пристап во креирање на модерно детско списание, визуелно современо и содржински актуелно и интерактивно, во кое на содржините во печатеното издание им е додаден еден дополнителен, интерактивен дигитален „слој“, преку кои на најмладите читатели им се понудени и дополнителни мултимедијални содржини на интернет, преку посебни линкови под логото „Кликни ме!“ на страниците на списанието“, појасни таа.

„Ова истовремено е од особена важност и за наставниците, кои овие дигитални содржини во списанијата ќе можат да ги употребат во нивните планови за ИКТ настава“, додава.

Непроценливата културолошка вредност на детските четива

Првото детско списанија се појавило на трети јануари 1945 година, четири месеци пред објавувањето на првиот буквар. Ова според Маказлиева Трајчева е показател дека детските списанија се исклучително важен дел од образованието на учениците, бидејќи пред се има за цел да го негува мајчиниот јазик и детската литература.

„Ние како издавачи не сме се откажале. Тоа се списанија што се наменети за во училиште, не за на трафика. Еден е концепт за на трафика, а друго е концепт што ја следи наставната програма и е наменет за училиште. Согласно законските прописи, во Законот за основно образование имате член што вика да се користат списанија, енциклопеди, и во самата наставна програма имате посебна тематска единица’користење на печат за деца“, вели таа.

Нивното отсуство први го почуствуваа наставниците, преку кои оди дистрибуцијата. Наде Крстева, учителка на четвртоодделенци во скопското основно училиште „Св.Кирил и Методиј“ е една од генерациите израснати со овие списанија. Од нејзино искуство како читател, а сега и наставничка, вели дека тие се доста корисни во наставата.

„На децата им се потребни и ги бараат. Не можат песничките и текстовите да ги доловат преку интернет. Дополнително, родителите на помалите деца не дозволаат да бидат постојано пред компјутер“, вели таа, додавајќи дека квалитетот се изменил, но важноста на содржината е иста. Крстева се надева дека во иднина детските списанија би ги имало почесто.

„Мислам дека дали учениците ќе земаат списание зависи и од наставниците. Некои нема да сакаат децата да ги користат тие списанија и цело одделение не ги зема, додека ние кога учевме моравме да ги земаме“, вели Крстева.

Во редакцијата на „Детска радост“, пак, секојдневно пристигнуваат молби од ученици, родители, писатели за деца, универзитетски професори, кои бараат списанијата да се печатат, велат од „Просветно дело“.

„Овие списанија ги надминуваат традиционалните облици и форми на учење, негуваат холистички пристап и нудат широк спектар на содржини, илустрации и рубрики кои им се интересни на децата и кои со нетрпение го чекаат да излезе секој нов број, нивните трудови, изработки и активности“, велат од оваа издавачка куќа.

Издавачките куќи ги подготвуваат новите броеви, иако од МОН нема одговор

Бугариска од „Арс Ламина“ вели дека ова воопшто не е лесна работа, бидејќи бара постојано следење на трендовите и пазарот, како дома, така и надвор од земјата.

„Ние повеќе од три години следевме, анализиравме, мислевме, работевме, креиравме, надградувавме, истражувавме, тестиравме и повторно креиравме – пред да излезат „Мини ЛИБИ“ и „ЛИБИ“ од печат. Како издавач со висока свест за потребата од квалитетно детско списание, а која повеќе години работи во областа на образованието, учебникарството и детската литература, одлучивме да инвестираме во развивање на сосема нови изданија, пандан на светските детски магазини, кои ќе создаваат читачки навики кај децата и ќе ја поттикнуваат нивната љубопитност“, вели Бугариска.

Од „Просветно дело“ велат дека во моментов повторно работат на нови пилот броеви. Тие сакаат до јули повторно да ги достават за да добијат одобрување за следната учебна година.

„Замолуваме процедурата да се заврши во текот на летниот период за да може да стартуваме од септември, затоа што и родителите, децата и наставниците ги чекаат списанијата, нив им се потребни, особено за деца кои штотуку се описменуваат. Тие немаат каде да вежбат, букварот не е доволно за да се вежба читање“, смета Маказлиева Трајчева.

„Ние единствено што бараме од Министерството е да одговорат на ова барање што остана закочено, а ние знаејќи дека овие списанија се наменети за друг период од учебната година, подготвуваме нови и паќ ќе ги дадеме на одобрување за да добиеме одговор до почеток на август“, подвлече таа.

Радио МОФ пред една недела побара објаснување од МОН, но до објавување на текстот не добивме одговор.

Е.П.