[Фото] Детска порака за мир, пријателство и соживот од Крушево

Педесетина деца од Крушево, од различна етничка и верска припадност, со заеднички настап вчера на плоштадот испратија порака за мир, пријателство и соживот. Под раководство на инструкторката Олгица Николовска од Битола, децата покажаа и докажаа дека музиката и играта спојуваат.

Пред присутната публика младите играа зумба и  ги читаа пораките за за мир од Тоше Проески на трите официјални јазици во Општина Крушево: македонски, албански и влашки.

Настанот се одржа под мотото „Говориме различно, танцуваме исто“, во организација на ООУ „Никола Карев“ од Крушево, Здружението на граѓани „Академик“ и Општина Крушево.

Финансиите за реализација се обезбедија од фондот „Градиме мостови“ кој е заеднички проект на Министерството за образование, Амбасадите на Швајцарија и Холандија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Зумбата е танцовна програма која е создадена од колумбискиот танчер Алберто Перез – Бето во текот на 1990 година. Оваа програма вклучува елементи од танц и аеробик, придружени со музика, која претежно е латинска, но исто така содржи и други видови на музика, како и одредени меѓусебно поврзани техники од аеробикот. Зумба денес се игра во 180 земји, на 200 000 локации и 15 милиони луѓе редовно одат на часови по зумба.