Десетици илјади луѓе трета недела по ред протестираат ширум Бугарија

Трета недела по ред, неколку десетици илјади луѓе се собраа на улиците низ бугарските градови барајќи оставка на владата и на главниот обвинител, пренесува српски „Н1“.

Насобраните граѓани во најмасовните протести во последните седум години ја обвинуваат владата за врски со мафијата, корупција, одбивање да ги спроведат судските реформи и дека ја потиснуваат слободата на говорот.

Бугарскиот претседател Румен Радев, кој е критичар на владата, ги поддржува демонстрантите, велејќи дека владата на премиерот Бојко Борисов и главниот обвинител Иван Гешев треба да поднесат оставка.

Радев во своето обраќање до нацијата, зборуваше за длабокото незадоволство на демонстрантите.

„Тоа со години се собираше и не може да се задуши со страв и со сила“, рече бугарскиот претседател.

Бугарската влада неодамна го преживеа гласањето за недоверба, кое беше иницирано од опозицијата од редовите на социјалистите, поради неуспехот да се спречи широко распространетата корупција.

Борисов е на власт од 2009 година, а неговиот трет мандат завршува во март 2021 година.