„Деновите на Тетрис“, изложба на Алек Билбилоски во Јавна соба

Изложбата „Деновите на Тетрис“ на Алек Билбилоски ќе биде отворена вечерва (30 јануари), во центарот „Јавна соба“.  Изложбата е вешто осмислена компилација на фотографии регистрирани со аналоген фотоапарат, каде што во претставените интимни ситуации, едни се покогнитивни и се истовремено општествено прифатливи, додека оние кои се разликуваат, не се посакувани или се сметаат за крајно провокативни.

„Бимбилоски, кој моментално живее и работи во Охрид, живеејќи во светски културни центри како Париз, Њујорк и Истанбул, успева да ги отслика миговите и животот на поединци во една субкултура, во едно поранешно време кое со својата оригиналност е предвесник и е од суштинско значење за развитокот на културните моменти и денешната субкултура којашто е делумно прифатена. Во исто време авторот ја задржува и врската со своите корени во Македонија и преку одредени симболики компарира и поттикнува дебата и буди спомени“, соопштуваат од „Јавна соба“.

Алек Бимбилоски има објавувано фотографии на групните изложби „Модерна Турција“ – Petit Palais Paris, „Сонот и градот” – Центар на Модерна Уметност Le Blanc Mesnil, „Борба”- Antwerp, како и за списанијата „L’Officiel“ – Париз, „Jalouse”- Париз, „Vogue”-Италија и “Flaunt”- Њујорк.  Центарот „Јавна соба“ е отворен секој ден од 9 до 24 часот, а влезот за посетителите е бесплатен.