„Денови на македонска музика“ од 30 март до 14 април

Триесет и три светски премиери и 14 македонски, на дела од современите домашни творци, со дури 11 концерти се дел од програмата на претстојното 39-то издание на фестивалот „Денови на македонска музика“. Организатор на манифестацијата е Сојузот на композиторите на Македонија, и овој пат ќе се одвива во периодот од 30 март до 14 април во Скопје.

Свеченото отворање е планирано да биде со проектот „Звуците на Македонија“ од Живојин Глишиќ, работено според традиционални напеви, во изведба на ансамблот МАРТИН ПЕР-ЕКС, дело кое премиерно беше претставено 2008 година на најголемата летна културна манифестација во земјава – Охридско лето.

Потоа следуваат рециталот на пијанистот Штефен Шлаермахер од Германија, Камерниот концерт ( 2 : 3), концертот на ансамблот КОНТЕМПОРА, па оној на гудачкиот квартет МИВОС од САД, на младите македонски композитори, перформансот на Дувачкиот квинтет на ансамблот СОНОРИС, вечерта посветена на акузматична музика, настапот на словенечкиот гитарист Нејц Кухар, заедничкото претставување на хорот ПРОАРС и Женскиот младински хор при МКЦ со кои што раководи маестро Сашо Татарчевски, за да заврши со Македонската филхармонија и посветата на 80-годишнината од раѓањето на композиторот Александар Џамбазов. Со ансамблот овојпат ќе раководи Саша Николовски Ѓумар, солист на пијано ќе биде Дино Имери, водител Игор Џамбазов, а како вокални солисти ќе настапат Андријана Јаневска, Биба Додева, Сашо Гигов Гиш , Наде Талевска, Игор Митровиќ и Александар Тарабунов.

Влезот за сите концерти е слободен, а на финалниот концерт ќе бидат соопштени и добитниците на традиционалните награди „Трајко Прокопиев“ за животно дело, „Панче Пешев“ за најдобро дело премиерно изведено во текот на минатата година и „Ѓорѓи Божиков“ за најдобра изведба.