Македонските граѓани за првпат ќе можат да уживаат во корејската музика, кинематографија и фотографија за време на „Деновите на корејската култура во Скопје“, манифестација која ќе трае од 29 до 31 октомври, организирана од страна на Амбасадата на Република Кореја во Бугарија.
На 29 октомври во Македонскиот Народен Театар ќе се одржи музички концерт, „Музика и ритми од Кореја“ со традиционална корејска музика изведена од светски познатиот „Bul-se-chul“ ансамбл и мега популарните „Nanta“.
Bulsechul е ансамбл кој е составен од осум музичари, од кои седум свират на традиционални корејски музички инструменти (kayageum, geomungo, tegeum, piri, hegeum, adzheng, janggu) и едниот свири на гитара. Музиката која ја создаваат доаѓа од најантичката религија на полуостровот – шаманизмот како и корејската народна музика.
Низ неодоливата импровизација на традиционалните ритмички мелодии, „Bul-se-chul“ успешно го развива својот музички стил, надограден на уникатен начин, давајќи им нов и модерен звук. Во нивната креативна работа, елементите на традицијата и современоста се совршено балансирани и интегрирани во друг вид на убавина и доведуваат до ново естетско искуство. Покрај музиката, во настапот ќе бидат вклучени и традиционални танци, меѓу кои и танц кој е прогласен за културно наследство и Корејски танц на маски.
Вториот дел од концертот е комичниот музички невербален настап „Nanta“, кој доаѓа од традиционалниот корејски инструментален перформанс „Samulnory“. Кујната е нивната позадина, со готвачи како главни ликови. Ножевите и другиот кујнски прибор стануваат музички инструменти во рацете на изведувачите.
Тие ја воодушевуваат публиката со своето акробатско кујнско шоу, изненадна свадбена церемонија, и возбудувачки предизвик со корејски специјалитети. „Nanta“ е едно од најпознатите шоуа во Кореја, уште од својата премиерна изведба во октомври 1997, кога на едно место го има собрано најголемиот број на гледачи во историјата на корејскиот театар.
„Nanta“ е првото азиско шоу кое се појавило на Бродвеј. Нивниот театар е отворен 365 дена во годината,а го имаат посетено над 1 милион странски посетители, а за време на светската турнеја, „Nanta“ до сега настапиле во 51 земја, 289 градови, привлекувајќи странска публика над 2 милиони.
На 30 и 31 октомври во Кинотеката на Македонија, ќе се одржи „Корејска Филмска Одисеја“. За време на овие два дена, македонската јавност ќе има можност да погледне некои од најпопуларните корејски филмови: „Ода за татко ми“ (Ode To My Father), „Маскембал“ (The Masquerade), „Монструмот“ (The Host), „Тајно, Величествено“ (Secretly, Greatly), „Кралскиот Кројач“ (The Royal Tailor).
Освен „Корејската Филмска Одисеја“ на 30 и 31 октомври во Кинотеката на Македонија, сите граѓани ќе имаат можност да ја погледнат изложбатаслики на платно со мотиви од Сеул на уметникот Симон Калајџиев и изложбата на фотографии „Впечатоци од Кореја“. Оваа изложба ќе ни ја долови убавината на корејската традиција, истражувајќи ги модерните пејсажи, вкусовите на корејската кујна и скиците на еден патник.
Влезот за сите настани е бесплатен.